ВО ПЕТРОВЕЦ СЕ ГРАДИ НОВ КУЛТУРЕН ДОМ Мицкоски најави старт на ветените капитални проекти
Новиот објект од 385 квадратни метри, вреден 29,5 милиони денари, ќе биде готов за една година и ќе стане ново средиште на културниот живот во Петровец.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, заедно со градоначалникот на Општина Петровец Борче Митевски, присуствуваше на поставувањето на камен-темелникот за изградба на нов Културен дом во Петровец. Новиот објект, со површина од 385 метри квадратни, ќе се гради со средства во висина од 29,5 милиони денари, обезбедени преку Владата од унгарскиот кредит.
Градоначалникот Митевски посочи дека објектот се очекува да биде завршен за една година и дека со тоа општината ќе добие современ простор за културни настани и манифестации.
– Културниот дом е со големина од 385 метри квадратни, а средствата во висина од 29.500.000 денари се обезбедени преку нашата Влада од унгарскиот кредит. Очекувам за само една година да имаме свечено пуштање на објектот. Му благодарам на премиерот Мицкоски за поддршката, не само за Петровец, туку и за сите општини низ државата – изјави Митевски.
Премиерот Мицкоски во своето обраќање нагласи дека со завршувањето на изборниот процес започнува период на интензивна реализација на ветените капитални инвестиции.
– Изборите завршија, време е да продолжиме со реализација на проектите што сме ги ветиле. Му честитам на градоначалникот, кој веќе петти пат добива доверба од граѓаните и тоа со причина, затоа што работи посветено. Владата ќе продолжи да ги поддржува општините во испорачување на проекти што носат реална корист за граѓаните – истакна Мицкоски.
Со изградбата на новиот Културен дом, жителите на Петровец ќе добијат простор кој ќе служи за културни и општествени активности, а проектот претставува дел од пошироката стратегија на Владата за зајакнување на локалниот развој.