МИЦКОСКИ ГИ ПОВИКА СИМПАТИЗЕРИТЕ НА СДСМ ДА ГЛАСААТ ЗА ВМРО-ДПМНЕ Нека биде катарза, па реформа во партијата, на власта ѝ треба силен СДСМ
И 61 пратеник во Парламентот и 60 градоначалници и апсолутна власт на ВМРО-ДПМНЕ и апсолутна дисциплина што до сега е невидена на политичката сцена во Македонија, имаат потреба од силен и политички стабилен СДСМ, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Виница.
Митко Костадиновски е човек којшто си ја сака и се бори за проект повеќе за Виница, човек голем патриот и кој длабоко во себе ја сака својата татковина Македонија. Како претседател на Владата ќе ја има мојата недвосмислена поддршка да реализира проекти за општина Виница и убеден сум дека заедно со Владата сите проекти кои се дел од програмата ќе бидат реализирани, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот мини-митинг во Виница.
Тој им се заблагодари на граѓаните на Виница и на цела Македонија што излегоа на избори и дадоа масовна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со заокружување на бројот 9.
Мицкоски упати повик до оние коишто не гласаа во првиот круг, да излезат масовно да го искористат своето граѓанско право на избор.
– Денеска сме сведоци како дел од нашите граѓани коишто се на привремена работа надвор од Македонија, најчесто во западно европските земји доаѓаат во општина Брвеница, во општина Кичево, мислејќи дека на тој начин ќе помогнат двајца кандидати во тие општини да станат и градоначалници. Нема да успеат, но сепак, сите оние коишто во Виница одлучија во првиот круг да останат дома и кои се двоумат дали во вториот круг треба да излезат и да гласаат, ова нека им биде патоказ како треба да се брани својот интерес. Не дозволувајте некој друг да ја креира вашата иднина седејќи дома, зошто тие што ќе излезат на овие избори имаат право да ја моделираат иднината на Виница и на Македонија. Со седење дома и со покажување некој револт или пркос ништо нема да се добие. Затоа излезете и гласајте, затоа што на тој начин вие сте суверен на вашата иднина, никој друг нема да мисли подобро отколку што вие мислите за вашата иднина – истакна Мицкоски.
Тој испрати порака и до поддржувачите и симпатизерите на СДСМ на изборите во недела да го заокружат бројот 9, за да почне катарзата и реформите во партијата и за да не да го легитимираат актуелното партиско раководство.
– Знам дека не ви е пријатно и се чувствувате разочарани кога гледате како некогаш големиот СДСМ едвај ја поминува границата од стотина илјади гласови, знам дека ви е тешко ова да го гледате. Но, на овие избори кога ќе бидете позади параванот, со гласачкото ливче пред вас и со пенкалото во рака имате две опции. Едната опција е да го поддржите противкандидатот на Митко од СДСМ и на тој начин да го легитимирате ова партиско раководство кое не го донесе СДСМ под биолошкиот минимум, туку буквално го донесе СДСМ во фаза на исчезнување. И втората опција која е пред вас е да го поддржите Митко и бројот 9 и на тој начин да почне процес на внатрешна катарза, на внатрешна реформа во рамките на СДСМ. Бидејќи, верувајте, и 61 пратеник во Парламентот и 60 градоначалници и апсолутна власт на ВМРО-ДПМНЕ и апсолутна дисциплина што до сега е невидена на политичката сцена во Македонија, имаат потреба од силен и политички стабилен СДСМ – порача Мицкоски.
Ккандидатот за градоначалник Митко Костадиновски истакна дека ја очекува поддршката од граѓаните во недела за уште повеќе проекти и инвестиции, кои ќе донесат развој на Виница.
– Верувам дека ќе ја заокружиме победата во вториот круг, да продолжиме со проектите во Виница. Ние сме со реални проекти и програма кои планираме да ги реализираме наредните 4 години. Сметам дека допревме до секој од вас, ве запознавме со нашата визија за Виница, затоа во недела ја барам вашата доверба да продолжиме со уште посилно темпо, со уште поголеми проекти – рече Костадиновски.
Тој најави изградба на спортска сала, спортски игралишта и фитнес зона, доградба на детската градинка и подобрување на сообраќајот во општината.
– Ја барам вашата поддршка за нова спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“ кое е единствено училиште во општина Виница кое нема спортска сала, за доградба за нова градинка, за подобрување на сообраќајот, изградба на кружен тек, за нови улици во градот и населените места и за формирање на зона за мало стопанство кај Скараница, село Блатец. За изградба на фитнес зона на отворено во Виница, реконструкција и изградба на спортски игралишта во населените места, за подобрување на водоснабдувањето, за реконструкција и изградба на водоводна и канализациона мрежа и уште многу други проекти – рече Костадиновски.