МИЦКОСКИ ПОВИКА ВО НЕДЕЛА МАСОВНО ДА СЕ ИЗЛЕЗЕ НА ГЛАСАЊЕ Очекува историска победа со 60 градоначалници
Гледаме дека одредени наши сограѓани остануваат дома, мислејќи дека на тој начин ќе покажат некаков револт, пркос или ќе испратат некаква порака, која во суштина нема да биде препознаена, бидејќи кога останувате дома дозволувате некој друг да одлучува за вашата иднина, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Македонска Каменица.
Во привот изборен круг коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, благодарение на поддршката на граѓаните, постигна историски резултат. За прв пат во независна демократска Македонија коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи победи во 58 општини плус главниот град, тоа се вкупно 59 општини, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Македонска Каменица.
– Имаме веќе избрани 33 градоначалници, во вториот круг имаме дополнителни 26 кандидати за градоначалници, а противкандидати на нашите кандидати во две општини веќе се откажаа, со што трката во вториот круг веќе е извесна и таму. А од останатите 24 очекувам во сите 24 општина да победат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и да бидат градоначалници во своите општини. Oчекувам, со победата на Орце Ѓорѓиевски во Град Скопје да се заокружи бројката од 60 градоначалници, што е исто така историски резултат што никогаш не е направен во Македонија – рече Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните на Македонска Каменица и на цела Македонија да излезат да гласаат и на вториот круг од локалните избори во недела.
– Би сакал да се заблагодарам на сите граѓани коишто излегоа и гласаа во првиот круг и да ја искористам оваа прилика да ги повикам да излезат и да гласаат во вториот круг. Гледаме дека има наши граѓани коишто, можеби, со години не дошле во Македонија, но доаѓаат од земјите во западна Европа за да гласаат во општини како што се Брвеница и Кичево и така натаму. А, гледаме дека одредени наши сограѓани остануваат дома, мислејќи дека на тој начин ќе покажат некаков револт, пркос или ќе испратат некаква порака, која во суштина нема да биде препознаена, бидејќи кога останувате дома дозволувате некој друг да одлучува за вашата иднина. Затоа мојата порака и мојата замолница до оние коишто сè уште се двоумат дали да излезат во овој втор изборен круг, е да излезат масовно и, нормално, да го заокружат бројот 9 – повика Мицкоски.
Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се бори подеднакво за секоја општина и за секоја педа од македонската територија, што се покажа и во измината година и половина власт.
– Затоа, кога велам дека очекувам сите 26 кандидати кои се во вториот круг сите да победат и да им се приклучат на оние 33, тоа и го мислам, и ние како ВМРО-ДПМНЕ, како коалиција правиме сè што можеме тоа да се случи и јас сум убеден дека во недела заеднички ќе испишеме уште една историја, којашто до сега не се случила во Македонија – потенцираше Мицкоски.
Кандидатот за градоначалник за општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски рече дека со поддршка на Владата наскоро ќе бидат прва општина со асфалтен пат до секој дом и со чиста вода за пиење за секое семејство.
– Најголемите и најзначајните проекти во нашиот град се изградени од ВМРО-ДПМНЕ и ние ќе продолжиме по трасираниот пат, пат по кој ќе чекориме сплотени, цврсто и храбро затоа што ние резервен дом немаме. Имаме визија за развиена Каменица, за перспективен град за град на успех и благосостојба, за град во кој сите ќе бидат среќни – рече Атанасовски.
Тој истакна дека во изборната програма има многу нови проекти и идеи за напредок, со цел уште поуспешен и модерен град.
– Имаме идеи за напредок и визија за иднината, работиме за успешна и модерна општина која е пример за останатите. Имаме многу нови проекти за нашиот град. Дојдено е ново време, време кога се гради домаќински и се вложува во иднината, време во кое се бориме за секој еден од вас, за секој проблем да биде решен, секој предизвик да биде надминат, време во кое Македонска Каменица и нејзините жители се пред сè и над сè. Денес имаме нови асфалтни патишта, водоводни, канализациони системи во секој дел од општината, имаме реконструирани образовни институции, јавно претпријатие кое целосно е во функција на граѓаните, имаме силни вложувања и во културата, спортот – рече Атанасовски.
Тој ги повика граѓаните да се обединат, и да го заокружат бројот 9 за општина Македонска Каменица да продолжи да се развива.
– Сега е време на обединување, а веднаш по новата победа, ќе биде време за вистинска експанзија, доаѓа времето кога овој град ќе биде препознатлив насекаде, и ќе биде инспирација и поттик за сите останати – посочи Атанасовски.