„ЌЕ ГО ИСЧИСТАМЕ ВОЗДУХОТ ВО СКОПЈЕ“ Ѓорѓиевски со план за еколошко греење и нов транспорт во главниот град

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, најави изградба на две гасни централи, проширување на топлификацијата и воведување на нов еколошки транспортен систем.

1,521

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вечерва во емисијата „На дуел со Иван“ на Канал 5 најави големи инфраструктурни и енергетски проекти кои, како што рече, ќе го подобрат квалитетот на живот на скопјани.

Најважниот проект, според него, е изградбата на две гасни централи, со што ќе се овозможи проширување на топлификационата мрежа и намалување на зависноста од старите системи за греење.






– Проширување на мрежата на топлификација, постапување, две гасни централи ќе има, едната во Охис, во соработка со Владата, а втората на излезот од Ѓорче Петров, за да може да се покријат делови каде што нема градска топлификација и да се бајпасират тие зони – изјави Ѓорѓиевски.

Тој објасни дека за високите зони во Скопје, како што се Црниче, Пржино и делови од Водно, каде што технички не е можно вклучување во мрежата, ќе се понудат субвенции за домаќинствата кои ќе постават топлотни пумпи.

– Во тие зони ќе одиме со конкретни субвенции од страна на Градот Скопје, затоа што мора да обезбедиме енергетска рамнотежа и за граѓаните кои живеат во високи делови – додаде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.

Освен за енергетиката, Ѓорѓиевски зборуваше и за сообраќајниот метеж во главниот град, потенцирајќи дека решението не е во брзи, туку во плански и координирани мерки.

– Прво треба да се заврши проектот Лимак, за да им дадеме алтернатива на граѓаните, па потоа да воведеме нови мерки. Јас секогаш сум за тоа прво да има решение, па дури потоа рестрикција. Ад хок одлуките само создаваат дополнителен хаос – истакна тој.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ најави и воведување на нов транспортен систем со три линии – БРТ (Bus Rapid Transit), дополнет со кракови кон Драчево и Радишани, како и набавка на 80 еколошки автобуси до март наредната година.

– Градот има капацитет и буџет, само треба рационално и домаќински да се управува. Скопје мора да добие модерен, чист и функционален јавен транспорт – заклучи Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини