ПОЧИНА ЕДЕН ОД СОПСТВЕНИЦИТЕ НА РАДИО АНТЕНА 5 Коста Јаневски замина по кратко боледување на 65-годишна возраст

584

По кратко боледување на 65-годишна возраст почина Коста Јаневски, филмски работник и еден од сопствениците и основачите на радио Антена 5. Учествуваше во основањето, техничкиот развој и креирањето на програмата, а ја извршуваше функцијата Технички директор во Антена 5 од 1994 година.

Работеше на техничката и програмска реализација на сите домашни и меѓународни музички и културни настани пренесувани на програмата на Антена 5: Британските музички награди, Ем-Ти-Ви европските музички награди (MTV ЕМА), Зимската музичка конференција во Мајами, Викенд Медиа фестивалот, Егзит, Таксират, Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и Д Фестивал во Дојран.






Пред основањето на Антена 5, беше дел од програмата Радио Микс на Радио УНО и проектот Радио Топ Листа на Македонија.

Дипломира на Електротехничкиот факултет. Својата кариера како филмски работник ја започнува во осумдесетите години, како монтажер на тон и тон снимател. Во 1985 година работеше како слободен филмски работник во Друштвото на филмски работници на Македонија, а од наредната година работи во продуцентската куќа „Вардар филм“. Во текот на својата кариера учествуваше во реализација на филмски проекти од домашна продукција и странски копродукции, голем број на играни, документарни, краткометражни и долгометражни филмови како „Македонска сага“, „Среќна Нова ‘49“, „Тетовирање“ и многу други. Беше член на Друштвото на филмски работници на Македонија и член на Здружението на тонски сниматели на Македонија.

 

Поврзани содржини