Зарем навистина нѐ мислат толку глупави?

Сега е веќе очигледно дека Кочани треба(ше) да се претвори во никулец на некаква нова шарена – или црна – револуција, да повлече нога и да се рашири низ државата на начин како што тоа се направи во 2016/2017 година. Ама „планериве“ забораваат дека луѓето паметат – па тоа беше безмалку вчера! – како беа злоупотребени и насамарени, како истите овие што сега буцкаат, но и оние кои се кријат зад нив, потоа им се качија на врат и седеа седум години крадејќи сѐ што ќе стигнат?

470

Кога размислувате со политикантскиот мозок на групацијата собрана околу оние „рестлови“ на сдсм (малите букви се реален одраз на нивниот рејтинг денес!) заедно со старо-новата „пајтон интелигенција“ како нивна „интелектуална“ поддршка во дел од медиумите, ваквите катастрофални изборни резултати морате радикално да ги ублажите. Дури и со лаги. Никако да ги признаете, уште помалку да се помирите дека сте неспособни и конечно да си одите од политичката сцена. Среќни и весели со измислениот „пат на консолидација“, тие бираат два начина. Едниот е целосното извртување на конкретните бројки на овие избори, при што секој тутмак прави свои „конструкции“ докажувајќи го недокажливото. Разноразни „човечиња“, низ партиските мегафони, го разгласуваат „историски најслабиот резултат“ на партијата на власт иако резултатите велат дека тие имаат раст од 17,5% во советниците, додека сдсм има пад од 42%! Што ќе рече дека гледаат „паѓање“ каде што има раст, и обратно. Вакви ступидарии одамна не сме читале.

Но вториот е поперфиден: тоа е „проект“ за агресивен дефокус (не само) од изборите, со акцент на трагедијата во Кочани. Ова второво го прават веќе шест месеци, онака најсељачки, нечувствително и грубо, распирувајќи го огнот на тагата на семејствата на загинатите до најневкусни граници. Безумното славје на нивниот фаворит во трката за градоначалник малку им ги ремети партиските планови, но тие се упорни.






Кочанската трагедија одамна е новиот воз на сдсм на којшто ќе се возат наредните три години, како што претходно, во 2016/17, тоа беше монтираната „афера прислушкување“ и „Скопје 2014“. И овде (ќе) има монтажи од секаков, па и најбезобразен вид, но кога има медиуми што ги поддржуваат… Главниот „лозунг“ во овој веќе психотичен поход против новата власт е – правдата мора да се извојува! Не е важно што истрагата е завршена, што има толкав број обвинети, што е закажано судење – нешта што ќе беа непојмливи во ситуација токмацине од сдсм да беа на власт – туку нивните хушкачи бараат некој да ја земе правдата во свои раце и да почне да пресудува на улица. Зашто тие се единствените кои знаат кои се виновници!

Сега, после оној и онаков изборен потоп, крајно бесрамно и манипулативно, во играта се внесува и изборниот резултат токму во – Кочани!

Сигурен сум дека нема човек во Македонија кој не е потресен од таа трагедија. Оние кои евентуално го тврдат спротивното се само мизерни бедници, мразачи и платеници. Ништо друго. Впрочем, сетете се како Македонија се однесуваше по трагичната несреќа на Тоше Проески – млад човек речиси на истите години како и децата од Кочани – не пак за 62 жртви повеќе, во онаква страшна несреќа. Но, сосема друга приказна е како секој поединечно ја манифестира жалоста односно потресеноста од таа трагедија, како кој ја искажува жалоста или – ако е власт – што и како презема за расчистување на случајот. Меѓутоа, да тврдите дека некој, па нека е и Владата на Македонија сосе сите коалициски партии денес на власт, е рамнодушна кон кочанската трагедија е малоумност, идиотизам, смислено подметнување… Тоа можат да го прават само болни луѓе! А изгледа – такви не ни недостасуваат.

И сега, не треба човек да е којзнае колку мудар па да види каде започнуваат некои „недоразбирања“. Или, подобро речено, кој и зошто ги подметнува. Затоа што некои црни луѓе веднаш се препознале во главните улоги на причинителите на трагедијата и смислиле како од себе да ја дистанцираат истата односно да ја префрлат во „туѓиот двор“, оној на сегашната власт. Зашто, ситуацијата на довчерашната власт, онаа на најкриминалната коалиција сдсм-дуи во македонската политичка историја, после Кочани станува сѐ поцрна и зрела за најтешки казни. Оттука, основната задача на главните луѓе на таа коалиција во изминатиов период беше: како да го тргнат од себе објективниот товар на вината за трагедијата – којашто, де факто, е резултат на редица последователни криминални дејствија и непостапување на таа власт цели седум години – односно истиот да го префрлат врз новата власт, активна помалку од една година во мигот на трагедијата!

И не само што континуирано внесуваа(т) монтирани „истражувачки стории“, небулозни „важни моменти“ од типот на „реконструкцијата“ на шупата викана кабаре или диско-клуб и слично, туку целата трагедија ја претворија во лабораторија за нивни лаги и измислици, за хушкање на ужалените семејства…, а сега и во полигон за плукање по голем дел од граѓаните затоа што гласале за градоначалничкиот кандидат на власта! А таквите приземни „мудрости“ не одат само до чудењето за „убедливото водство на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани“, туку отворено квалификуваат дека тоа се случува „По најголемата трагедија во новата македонска историја, предизвикана од немар, корупција, ароганција…“! И токму тука е на дело оној лозунг дека правдата мора да се извојува, а во неа единствен виновник мора да биде сегашната власт. Не оние гангстери кои седум години го цедеа Кочани преку криминалот и корупцијата, даваа на невидено секакви дозволи, претвораа шупи и кочини во кабареа… иако градот нема кино, нема базен, нема спортска сала, нема парк… Сето тоа морала новата власт да го направи во нејзините први шест месеци или година!

И сега, кочанските избори со сила и низ плуканиците на „еминентни“ претставници на онаа „интелектуална“ булумента на куќниот совет ќе се претворат во „мистерија“ слична на „Мојсие и неговото пресечување на Црвено Море“, ќе се плука по граѓаните иако на советничката листа на кандидатот на власта има и родители на загинатите, како што ги има и на другата листа, онаа на „опозицијата“… итн. Сега граѓаните, особено оние кои го дале гласот за власта, ќе бидат бележани и виновни.

Втора дилема сврзана со оваа „теза“ за изборите е: што требаше да направат граѓаните за да ги исполнат желбите на оној грст болни луѓе кои упорно заговараат проблем(и)? Да не излезат на избори? И – што? Ќе ги одмаздеа децата, ќе нанесеа штета на власта? Како, и каква? Кочани и понатаму ќе се давеше во црнилата, градот ќе го развлекуваа темните „пророштва“ на локалниве „ванѓи“, можеби на куќниот совет и неговата „пајтон интелигенција“ ќе им се направеше ќефот вештачки да се создаде проблем…, но што ќе имаше Кочани од тоа? Ама, нели, тоа не е грижа на хушкачиве.

А во рамките на оваа дилема, значи ли тоа дека ни во Скопје граѓаните не требаа да излезат на избори, уште помалку да гласаат за кандидатот на власта, имајќи предви дека и онаа (сѐ уште) актуелна чума беше нивен предлог? Како е можно божем сериозни луѓе, интелектуалци – со или без наводници! – така плитко да размислуваат. Ако воопшто размислуваат?! Или, како воопшто не ги слушнаа „врисоците“ од Тетово додека гореше модуларната болница, па и потоа?

Но, сега е веќе очигледно дека Кочани треба(ше) да се претвори во никулец на некаква нова шарена – или црна – револуција, да повлече нога и да се рашири низ државата на начин како што тоа се направи во 2016/2017 година. Ама „планериве“ забораваат дека луѓето паметат – па тоа беше безмалку вчера! – како беа злоупотребени и насамарени, како истите овие што сега буцкаат, но и оние кои се кријат зад нив, потоа им се качија на врат и седеа седум години крадејќи сѐ што ќе стигнат?

Па зарем навистина нѐ мислат толку глупави?

П.С.

Ајде да се кладиме дека ниту еден од овие хушкачки заговорници нема да го спомне во нивните идни „мудрувања“ оној нивнион фаворит кој со лумперајка, музика и песна го славеше влегувањето во вториот круг!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини