Некој со некого навистина „избриша патос“!

Но, од многуте лекции што (повторно, по којзнае кој пат) ги научивме и со овие избори е онаа дека кај нас нештата упорно се повторуваат, најчесто како смешка, или комедија, па и фарса. Затоа впрочем и ги гледавме оние исти ликови на плакатите како пред две-три децении, ги слушавме истите имиња и се чудевме „па до кога, бре“… Сѐ си има свое „зошто“ и „затоа што“! Или, замислете, Пенов бара – резултати!? А куќниот совет се бори „за нашиот дом“! А „независните“, да станат зависни. Од државниот буџет.

1,242

Не можам да ја разберам оваа хајка на власта контра Филипче и барањето за негова оставка. Па тој ви е бре луѓе најголем „џокер“, нешто најдобро што не сте го ни очекувале, уште помалку сте го сонувале. Безмалку – дар од Севишниот! Па кој беспари ви дава таков противник, а вие сакате да си поднесе оставка? Оставете го, нека се пече како македонска ципура среде Халкидики на скарата што му ја подготвил пајташот од Муртино! Подобар – или полош, како сакате – противник не можете да посакате. Ако некој мисли дека „госпожа“ „Каранфило фил фило, моме“ е полесна во тој поглед – се лаже. Жените се итекако поумни од мажите, дури и во политиката!

Како и да е, „Кондарко ујдурмата“ сепак се покажа ефикасна за куќниот совет што ја глуми сдсм (малите букви се…): успеа да го разбие гласачкото тело, да внесе смут и некакви „сомнежи“ кај граѓаните, изборната трка да ја претвори во пријателско-семејна забава каде што секој кој умее да си го напише името и презимето станува кандидат за градоначалник или носител на листа, па и да има преку деведесет години или дури да е веќе преселен на другион свет. Вакви идиотски избори досега не сме имале, а велам дека ујдурмата се покажа ефикасна за куќниот совет зашто инаку ќе си заминеа во историјата со ниеден освоен градоначалнички мандат.






И тие се затоа „среќни“ – како што вели една нивна потпретседателка! – а и како не би биле. Ќе беа ептен за мајтап и ругање. Без оглед што освоените мандати им се во Недојдија, Свирипичино и Штрумфоленд (без намера да навредам некого!), но и тие се бројат еднакво како и Скопје, Битола, Прилеп, Гевгелија, Куманово… Ама – само се бројат. И толку. Значењето во политиката им е безмалку нула! Меѓутоа, кога некого и тоа го прави среќен – пуштете го нека ужива во (не)среќата!

Но, да се паметни оние празноглавци во куќниот совет, би го ставиле оној Кондарко за нивен претседател, не само како награда за „сработеното“ туку како експерт за пронаоѓање глувчешки дупки низ коишто би ги протнал своите сопартијци.

Ние? Ние остануваме верни на познатиот македонски инает којшто, да простите, баш го заболе за некаков општ интерес, рационално однесување и слични „глупости“. Па ние да има(в)ме толку способни и компетентни луѓе во државава како бројката на кандидати за градоначалници и членови на совети, одамна ќе бевме сериозни лидери во регионот и членка на еу (малите букви се…)! Впрочем, чист инает е – да не речам потежок збор – и она гласање во „Центар“ за најневидливиот (и повторно: да не речам потежок збор) градоначалник во државава. Па токму „Центар“, без претерување, треба да е лицето на градот. А видете на што личи! Згора на тоа, неодамна се појави и (недемантиран) податок дека токму во оваа општина – не во Чаир или Сарај – се издадени најголем број дозволи за градење! Фантастично. А за градоначалникот муралите во Дебар Маало се врв на културата во Скопје! Уште пофантастично!!!

Но, да бидам искрен: тој барем ја спомнува културата, иако не знае точно што е тоа. Другите – не. Како што и оние кои му ги даваат своите гласови уживаат во чувството дека се демократи и слободни во изборот. Не во тоа за кого и за што гласале! Затоа впрочем кај нас демократијата и инаетот се синоними. Само не знам кој е поважен односно поснажен. Зашто, кога демократијата се претвора во играчка во рацете на инаетливи и тврдоглави луѓе, резултатот секогаш е непредвидлив. И тие „игри“ нѐ донесоа до ова дно. Иако „центарци“ можеби за тоа не се ни свесни. Важно уживаат во својот „избор“. И во оние „мурали“, па и во онаа цистерна од шеесеттите години што кружи токму низ тоа Дебар Маало и ги мие улиците во осум часот наутро, во најголемиот сообраќаен шпиц. Треба да си многу инаетлив – да не речам демократ – да уживаш во тормозењето на луѓето на тој начин!

Но, од многуте лекции што (повторно, по којзнае кој пат) ги научивме и со овие избори е онаа дека кај нас нештата упорно се повторуваат, најчесто како смешка, или комедија, па и фарса. Затоа впрочем и ги гледавме оние исти ликови на плакатите како пред две-три децении, ги слушавме истите имиња и се чудевме „па до кога, бре“… Сѐ си има свое „зошто“ и „затоа што“! Или, замислете, Пенов бара – резултати!? А куќниот совет се бори „за нашиот дом“! А „независните“, да станат зависни. Од државниот буџет.

Но тие таквите сметаат дека „правото“ да нѐ тормозат со нивните глупости сме им го дале ние. Делумно се и во право штом и понатаму има такви што ги гласаат. Но сепак, голем дел во тоа „право“ е и насилно присвоен, наводно во името на државата и доброто на народот! И затоа „државата“ – или она што остана од неа – денес е идентична со она што беше во таа 1992 година. Со мали разлики, се разбира, но апсолутно небитни. Истите партии, истите политиканти, истите „експерти“, законодавци и уставопишувачи, истите универзитетски „професори“ и истите „уметници“, истите (горе-долу) медиуми со истите „општествено-политички работници“, истите соцреалистички здруженија на чело со ЗНМ, истите обвинители, адвокати и судии…

Некој ќе рече дека ова потсетува на она „сѐ е исто само него го нема“, ама не е така. Воопшто. Зашто, точно е: него го нема, ама и во неговото време имавме исти вакви шарлатани и „експерти“, универзитетски „професори“ и „уметници“, исти „општествено-политички работници, исти обвинители, адвокати и судии… Ама кога велам исти, мислам буквално исти! Со мали разлики, биолошко-физиолошки, но суштината е – таа: соцреалистичка! Само што, навистина, него го нема. А и да го имаше, овие ќе го изедеа! Но затоа има(в)ме негови замени. Циркуски, додуша, но сепак. Како што и овој „систем“ е божем замена за претходниот. А ист, со извесни модификации!

На пример, во она време немаше кокаин. Барем не јавно. Денес го шмркаат директори на клиники – наводно експерти – па после се каат за тоа, ама ќе останат лекари и ќе лечат. Кого? Па рајата, се разбира, онаа која ги гласа.

Но, спомнувајќи ја „рајата“, овие избори ќе останат запаметени и по една контроверзна специфика. (Повторно) се вика Кочани и резултатите од гласањето во тој град. Немам намера да правам никакви политикантски алузии или да влечам заклучоци, но нели „градот“ – колку и да е тоа имагинарна категорија! – бараше одговорност од оваа власт, а сега гласаше токму за неа? Не сум сигурен дека е реален заклучокот на еден млад аналитичар дека тоа претставувало – „мизерија“. А сепак, останува да виси прашањето: зошто не гласаа за оние другите, кога оваа власт е виновна за трагедијата што се случи во градот? Или некои групации, па и партии, медиуми, портали и слично, жестоко се обидуваа(т) да ја политизираат (и) таа трагедија? Очигледно – неуспешно.

П.С.

Абе што стана со она „бришење патос“, со оној победнички поход на куќниот совет, со предвидувањата на локалниве „ванѓи“ за резултатите на избориве…?

Поврзани содржини