МИЦКОСКИ ОЧЕКУВА 45-50 ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ЗА ВМРО-ДПМНЕ, А НАЈМНОГУ 6 ЗА СДСМ Власта очекува убедлива победа на локалните избори

Кандидатите за градоначалници од коалицијата Вреди зборуваат за проекти, а тоа не можете да го слушнете од нивните конкуренти, ДУИ, кај кои пораката е само поделба, рече Мицкоски.

952

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, очекува кандидатите за градоначалници од неговата партија да освојат меѓу 40-50 општини, плус Град Скопје, а СДСМ да освои до 6 општини на локалните избори закажани за в недела, 19 октомври.

– Очекувам повторно убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Очекувам минимум помеѓу 45-50 градоначалници плус главниот град Скопје. Сега имавме точно 42. Некои ми велат дека сум песимист, некои велат ќе имаме и повеќе. Јас навистина не знам колку е тоа повеќе, но еве очекувам да имаме, би рекол, историски резултат. Граѓаните чувствуваат дека даваме сѐ од себе за да направиме – рече Мицкоски во синоќешното гостување во поткастот „Проверитас“.






Мицкоски синоќа гостуваше и во „Само интервју“ на ТВ Канал 5 каде рече дека очекува убедливо најголем резултат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, и меѓу 350.000 и 360.000 гласови на советничките листи.

Тој оценува дека Левица сѐ уште нема капацитет да го заземе местото на СДСМ и дека нејзиниот максимален капацитет што може да го мобилизира е меѓу 50.000 и 70.000 гласа.

СДСМ, според бројките со кои располага ВМРО-ДПМНЕ, би требало да освои под 150.000 гласа на локалните избори.

Ништо невообичаено е средбата на Црвенковски и Пецаков

Мицкоски рече дека не гледа ништо невообичаено во средбата на градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков со поранешниот претседател на државата и лидер на СДСМ Бранко Црвенковски.

– Тоа предизвика вознемирување во редовите на СДСМ и актуелниот претседател на СДСМ Венко Филипче кој во време на Владата на ВМРО кога јас бев советник на тогашниот премиер, тој беше советник на тогашниот министер за здравство. Нема да навлегувам во таков тип на дискусија бидејќи не ги знам ниту причините ниту мотивите, но со истиот тон и на истиот начин се интерпретираше и средбата на Ралев со Орце Ѓорѓиевски, идниот градоначалник на Скопје, кога Ралев кој важеше за еден од потенцијалните кандидати на СДСМ испи кафе со Ѓорѓиевски и даде поддршка – рече Мицкоски.

Вреди нуди проекти, ДУИ нуди поделби

Во врска со кампањата на коалицијата Вреди Мицкоски рече дека кандидатите нудат проекти и стратегии за развој на општините, за разлика од ДУИ кои сѐ уште продолжуваат со политика на поделби и личен интерес.

– Слушам одредени нивни пораки, тие пораки се во рамките на тоа  што го очекувам. Мене ми е навистина драго што Вреди е фокусиран на проекти. Нивните кандидати за градоначалници зборуваат за проекти, за стратегија, што ќе направат во својот мандат. Тоа не можете да го слушнете од нивните конкуренти, ДУИ, кај нив само една е пораката, поделба и обид да се огради својот терен на интерес. Мислам дека е, како што кажав претходно погрешно, но ќе видат самите многу скоро – рече Мицкоски.

Црна кампања на СДСМ, Левица одработува за ДУИ

Мицкоски ја оцени кампањата на ВМРО-ДПМНЕ како многу зрела, многу точна, достоинствена, којашто изобилува со многу предлози, проекти, стратегија, визија. Тој потенцираше дека СДСМ и лидерот Венко Филипче не нудат проекти и решенија за проблемите на граѓаните, туку се базираат исклучиво на црна кампања против него.

– Би рекол дека СДСМ има дифузна кампања, немаат клучни зборови, од првиот ден до сега единствено што го прават се напади и најчесто црна кампања. Странично ги пуштаат своите креатори на мислење, новинари кои ги цитираат во портали кои условно важат за блиски до СДСМ, кои мене ми испратија порака дека би било штосно да ме видат распарчен и спакуван во куфер. Нападот е исклучиво кон мене, ми се обраќа во прво лице еднина, во стилот „слушни ваму, тебе никој не ти се плаши“. Па нема потреба никој да ми се плаши, јас не сум страшило. Луѓето што ме знаат, знаат дека јас прво немам таков карактер, второ покажав во овие 15-16 месеци дека ниту сум осветољубив, ниту сум злонамерен, ниту пак имам намера тоа да го правам. Она што ми остави впечаток покрај сите тие навреди е кога се обрати во прво лице еднина говорејќи дека „не го мразиме ние ВМРО, зошто си се умислил дека го мразиме ВМРО, ние тебе те презираме“. Замислете тој човек сепак е педагог, родител и професор, а се изразува со таков речник. Мислев дека ќе ги вкрстиме аргументите и проектите, но очигледно дека нивната намера е поинаква – рече Мицкоски.

Во однос на Левица, Мицкоски нагласи дека таа одработува најмногу за ДУИ во одредени средини.

 

Поврзани содржини