„ЗДРАВ, ТОПОЛ И КВАЛИТЕТЕН ОБРОК ВО СЕКОЕ УЧИЛИШТЕ И ГРАДИНКА“ Центар ќе инвестира во здравјето на децата, ветува Лабудовиќ
Имаме јасна цел, секој оброк што ќе го добијат децата да биде свеж, квалитетен и приготвен со љубов и внимание. Менито ќе го подготвуваат професионални нутриционисти, кои ќе внимаваат да има баланс меѓу хранливите вредности и вкусот што децата го сакаат, изјави кандидатот за градоначалник на Општина Центар од ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ.
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од ЗНАМ, Мирослав Лабудовиќ, најави една од, како што рече, најважните мерки во својата програма – воведување на здрав, топол и нутритивно избалансиран оброк за секое дете во сите градинки и училишта во Центар.
– Имаме јасна цел, секој оброк што ќе го добијат децата да биде свеж, квалитетен и приготвен со љубов и внимание. Менито ќе го подготвуваат професионални нутриционисти, кои ќе внимаваат да има баланс меѓу хранливите вредности и вкусот што децата го сакаат – изјави Лабудовиќ.
Целта на оваа мерка е здравата исхрана да биде темел на растот и развојот на децата.
– Здравата храна не е луксуз, туку право на секое дете. Затоа оваа мерка не е само оброк, тоа е инвестиција во здравјето и иднината на најмладите – потенцираше Лабудовиќ.
Оброците ќе бидат подготвени од домашни и внимателно избрани намирници, со проверен квалитет.
– Оброкот ќе биде навистина топол – подготвен со грижа, внимание и љубов. Сакам родителите да бидат спокојни дека нивните деца секој ден во училиштето и градинката го добиваат најдоброто – додаде тој.
Освен здравствената компонента, мерката има и економска и општествена димензија. Со неа ќе се поддржат локалните производители и ќе се подигне свеста за важноста на правилната исхрана уште од најмала возраст.
– Центар мора да биде пример – општина што се грижи и што покажува дека секое дете е подеднакво важно. Здравото дете е среќно дете, а среќното дете е иднината на Центар. Верувам дека токму со вакви мерки ја градиме основата за подобро утре – за општина во која нејзините најмлади жители ќе растат здрави и радосни,“ порача на крајот Мирослав Лабудовиќ.