„НЕРВОЗНИ СЕ ШТО СРБИТЕ ИЗЛЕГОА ДА ГЛАСААТ НА КОСОВО“ Вучиќ вели дека на изборите има „опиени од синоќешниот фудбал“

Би сакал прославата во српските заедници во Косово и Метохија вечерва да биде малку поважна од таа прослава. Исто како што тие се радуваа синоќа со албанското знаме, за вечерва за едно поважно прашање од шутирањето на топката, луѓето да се радуваат во српските заедници, рече српскиот претседател.

470

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека Албанците се многу нервозни поради значителната излезност на локалните избори во Косово во српските области, што се одржуваат денеска.

Според него, Албанците од сите области, од Тирана, преку Приштина, до Прешево и Бујановац, „се опиени по синоќешната победа“ на албанската фудбалска репрезентација над Србија во Лесковац.






– Би сакал прославата во српските заедници во Косово и Метохија вечерва да биде малку поважна од таа прослава. Исто како што тие се радуваа синоќа со албанското знаме, за вечерва за едно поважно прашање од шутирањето на топката, луѓето да се радуваат во српските заедници – рече Вучиќ.

До 11 часот на локалните избори на Косово гласале 7,41% од граѓаните. Најголема активност е забележана во Звечан со 20,49% излезност, додека во другите општини на северот активноста е помала.
На локалните избори на Косово до 11 часот гласале 7,41 отсто од граѓаните, а според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК) во Приштина, од вкупно 2.025.105 лица запишани на избирачкиот список, до 11 часот гласале 158.691 граѓанин. Овие податоци се од обработка на 94 отсто од избирачките места.
Денешните избори во  Косово се први редовни локални избори по вонредните од 2023 година, што се одржаа на север во Косово, а кои беа бојкотирани од Србите, откако претходно ги напуштија косовските институции во 2022 година. Избори за градоначалници и советници се одржуваат во 38 општини, а право на глас имаат 2.069.098 гласачи.

 

За градоначалник се кандидираат 206 кандидати, од кои 20 се жени, а за општински советници се кандидираат 5.420 кандидати.
На овие избори, на гласачкото ливче се вкупно 93 политички субјекти – 32 партии, две коалиции, 32 граѓански иницијативи и 27 независни кандидати.

Според податоците од Централната изборна комисија, право на глас имаат 2.069.098 гласачи. Граѓаните можат да гласаат до вечерва во 19:00 часот во 938 избирачки центри, на вкупно 2.625 избирачки места.

На изборите учествуваат 12 српски партии и иницијативи, меѓу кои е и Српска листа како најголема српска партија во Косово. Српска листа има кандидати за градоначалници во 11 општини и кандидати за советници во 19 општини.

На север во Косово, вкупно 21 српски кандидат се натпреваруваат за функцијата градоначалник – седум во Северна Митровица, пет во Лепосавиќ, шест во Зубин Поток и три во Звечан.

Српските кандидати доаѓаат од Српската листа, Граѓанската иницијатива Север за сите, За слобода, правда и опстанок, Правда и еднаквост, Српска демократија, Ново лице – Народна правда, Српско народно движење, Обединување, ГИ Корени, Српска народна слога и Косовски сојуз, како и независни кандидати.

Поврзани содржини