ВО КОМУНИКАЦИЈАТА НА МЛАДИОТ ГАЗДА НА КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА НА СМРТТА И НА ИНСПЕКТОР ДАЦО „ПУЛСИРААТ“ ЗВУЧНИ ИМИЊА ОД ВРВОТ НА СДСМ Зошто „свиркачите“ ги скриле разговорите во кои се спомнуваат Оливер Спасовски, Благој Бочварски, Сања Лукаревска, Бојан Маричиќ и Маринела Тушева?
Како и целиот перформанс на јавниот обвинител Љупчо Коцевски и на неговата екипа во врска со трагедијата во Кочани, така и протекувањето делови од телефонската комуникација на некои локални актери, покажува само едно – паничен обид на лошото менаџирање на истрагата да му се даде политичка боја и да се оправдаат слабостите во обвинението, кои ќе бидат мета на силна критика и на бранителите на обвинетите и на најблиските на жртвите. Оваа анализа на скриените делови од телефонската комуникација јасно ја покажува манипулацијата.
Десеттина дена пред Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) да објави видео-сторија со досега необјавени снимки и документи од истрагата за трагедијата во Кочани, извор од Јавното обвинителство ми ја навести можноста да го добијам извештајот на анализирана телефонска комуникација меѓу неколку клучни лица, кој е дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение зад кое стои државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Ја одбив понудата, со образложение дека јас не сум „истражувачки новинар“ или истражен орган, дека не бркам ексклузиви од ваков вид и дека не сум убеден дека јавноста е таа што треба да ја анализира, да ја вештачи и да ја толкува телефонската комуникација која е дел од доказнииот материјал.
Во сторијата на ИРЛ објавена на 28 септември, беа обелоденети пораки меѓу инспектори од Државниот пазарен инспекторат, од полицијата и од УЈП со синот на газдата Дејан Јованов – Деко, Михаил, за кои Редакцијата вели дека биле доставени од свиркач. Пораките посочуваат на сомнеж за подмитување со подароци, дојави до дискотеката пред да има инспекциска контрола, а се наведува и дека полициски инспектори наводно биле редовни гости во објектот кој работел иако не ги исполнувал неопходните услови за тоа.
Во сторијата се наведува дека Драган Паунов – Дацо, инспектор во УЈП во Кочани, брат на претседателката на скопскиот Кривичен суд, Даниела Димовска, бил во постојан контакт со синот на газдата на изгорената импровизирана дискотека „Пулс“ во Кочани, но со обвинението не е опфатен ниту еден инспектор на УЈП од градот.
Кој и како одлучил кој дел од телефонската комуникација да ѝ го презентира на јавноста, а кој да го скрие?
По објавувањето на сторијата, се огласи Јавното обвинителство, со објаснување дека „дејствија кои не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело Тешки дела против општата сигурност од членот 292 од Кривичниот законик , не биле предмет на обвинението“. Проверките во однос на УЈП се вршеле „во контекст на евентуални коруптивни и други кривични дела на поединци“.
На ова се надоврзува следниот дел од соопштението: „Потврда дека не постои ниту најмала намера овој аспект да се прикрие или да остане неистражен е фактот што комуникацијата презентирана во сторијата (на ИРЛ) е дел од извештај на анализирана телефонска комуникација, кој во целост е доставен во судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение“.
Да резимираме до тука:
Прво, постои извештај за телефонската комуникација на наведените лица, кој во целост – повторуваме, во целост – е доставен во судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение за трагедијата во Кочани. Така тврди Јавното обвинителство.
Второ, во сторијата на ИРЛ е објавен дел од телефонската комуникација, што значи дека дел е изоставен. Не навлегувам во претпоставки за тоа кој дел е избран, а кој е изоставен и зошто – тоа можеби е одлука на „свиркачот“, можеби е легитимина одлука на Редакцијата на ИРЛ, а можеби станува збор и за заедничка одлука. Таа работа си ја знаат „свиркачот“ и Редакцијата.
Трето, Обвинителството тврди дека извештајот за телефонската комуникација е „потврда“ дека не постои ниту најмала намера да се прикрие или да остане неистражен аспектот на евентуалните коруптивни и други кривични дела на поединци, кои имаат врска со објектот „Пулс“, без оглед што тие не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело Тешки дела против општата сигурност.
Е сега, многу е важно да се открие дали ова последново е точно, односно дали навистина не постоела намера да се прикријат некои индиции од телефонската комуникација, кои упатуваат на евентуални коруптивни дејствија и на други личности, кои не се спомнуваат (или не се именуваат) во анализата на објавените делови од телефонската комуникација. Ова е важно да се утврди, за да се дознае дали во делот од комуникацијата кој не е презентиран има имиња, наводи и сомничења кои некој решил да ги прикрие.
Тоа беше причината поради која од мојот извор побарав делови од извештајот за телефонската комуникација, кои, колку што ми е познато, не се објавени. Нагласувам, барав само такви делови – за другите знаеме, а целиот извештај треба да го анализира Судот, а не новинарите. Добив таков материјал и еве, објавувам некои комуникации, кои јасно укажуваат на мотивите зошто некои важни делови од тој извештај требало да се прикријат.
При тоа, нагласувам уште еднаш дека телефонската комуникација може да се третира само како индиција, односно околност која може да ја наведе истрагата да испита сомненија за можни сторени кривични дела, за коруптивни влијанија и слично – индицијата, сама по себе, не е доказ.
И секако, додавам тука дека релациите меѓу клучните актери кои ги анализира ИРЛ се неспорни, та во таа смисла нивната анализа не е неточна. Но, има тука нешто повеќе. Има и други грмушки во кои се кријат многу интересни зајци…
Михајло, синот на газда Деко: „Оливер Спасовски се е јавувал у Штип у полицијата за нас“
Значи, што друго има во извештајот за телефонската комуникација, а не е обелоденето?
Еве еден многу интересен пример од тој извештај. На 17 февруари 2022 година, синот на газдата Дејан Јованов – Деко, Михаил, се јавува до извесна Бојана и ја известува дека Оливер Спасовски (тогаш министер за внатрешни работи) се јавувал во полицијата во Штип, за таму да ургира за дискотеката („Оливер Спасовски се е јавувал у Штип у полицијата за нас“).
Бојана го прашува Михаил зошто се јавувал Оливер Спасовски, дали за да ја намалат казната. За каква казна станува збор? Во претходен разговор, Михаил ѝ кажува на Бојана дека добил информација за казна која требало да им биде наплатена од УЈП, во висина од 40.000 евра. Михаил ѝ објаснува на Бојана дека ургенцијата била со цел да не им досадува полицијата и дека тоа не било полицијата од Штип (се мисли на СВР Штип), туку проблемите биле од полицијата од Кочани.
Ова е уште еден шокантен дел од разговорот: за таа цел, вели Михаил, началникот од Кочани ќе бил повикан во СВР Штип, за да се изврши притисок врз кочанската полиција да не врши контроли во дискотеката (Порака на Михајло до Бојана; „И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се посерат“). Бојана на тоа одговара дека треба, бидејќи почнале многу да се занесуваат (се мисли на полицајците од Кочани).
Ургенцијата била направена преку мајката на Михаил, односно преку неговиот дедо, кој имал другар Станко во Скопје, со многу јака врска.
Михаил: „До Бочварски и до Лукаревска стигнав“; Дацо: „Лукаревска може, обиди се преку Трајче од СДСМ“
Втор интересен пример е комуникација од 28 јуни 2023 година, помеѓу Михаил и спомнатиот Драган Паунов – Дацо, инспектор во УЈП во Кочани. Михајло го известува Дацо дека сакале да го пломбираат, бидејќи некој Никола, што бил директор на УЈП, никако не сакал да попушти.
Дацо му објаснува на Михаил дека Никола е началник, шура на министерот Бојан Маричиќ, а сестра му била пратеничката Маринела Тушева. Михајло одговара дека тој стигнал до Бочварски (Благој) и до Лукаревска (Сања), но до нив (Маричиќ и Тушева) не стигнал. Дацо одговара: Лукаревска може.
Михаил му праќа порака на Дацо во која бара некако да се заврши работата. Дацо му возвраќа – штом тој (началникот Никола) знаел, веќе он морал да даде амин, началник е. Михаил во порака до Дацо вели дека му кажале дека до утре ќе виделе, а Дацо го советува да се обиде преку Трајче од СДСМ, претседател на младите, со кого биле блиски (се мисли на Трајче Стојчевски, претседател на СДММ, штипски кадар). Михаил вели дека ќе се распраша кој е, ако не ќе оделе на колективен одмор 15 дена. Во следната порака Михаил му вели на Дацо дека убаво си работеле со нив кога доаѓале, а почнале да ги праќаат нивните колеги по Кочани.
Дацо до Михаил: „Оооо… брат, тие се вашите комуњари“
На 8 август 2023 година, Дацо му праќа нови пораки на Михаил. Во нив вели: „Оооо… брат, тие се вашите комуњари … хахахах“. Дацо му вели на Михаил дека и неговите биле „од режимот“, дека на сите им било добро со него (со Дацо) и со Дуле, дека они ретко некој пишале. Михаил одговара дека сега му било тешко без нив и му недостасувале и дека мирно била сега. Дацо му вели дека Деспина ја пишале поради него.
Михајло го прашува Дацо кога ќе дојдат со Дуле на една седенка да одат. Дацо го прашува Михајло дали има некоја фирма со големи залихи да ја ликвидираат, но со поголеми залихи, да има нешто и за нив.
Уште една порака без поголемо значење, но како куриозитет и како показ за блискоста меѓу инспекторот Дацо и синот на газадата на дискотеката „Пулс“. Во порака Дацо му вели на Михаил да најде по еден пар наочари за него и за Дуле, но да не биле поскапи од 300 евра. Михаил прашува какви да бидат, кој модел. Дацо му вели за модел да праша посалам човеци и ќе му кажат. Во разговорот за наочарите, Михаил кај својот кум на Дацо му поправа стари наочари (стакленце) од моделот „Том Форд“.
Михаил на Лазар Л: „Нашата Левица многу слаба…“
Како што е познато, во досегашната јавна дебата за политичката позадина на корупциските зделки и комбинации на сопствениците на дискотеката „Пулс“ со инспектори на УЈП, со полицајци и со други лица, главно се спомнуваше ВМРО-ДПМНЕ и овде-онде СДСМ. Ретко или воопшто не се спомнуваа други партии.
Не се толку значајни, колку што се забавни, неколку комуникации меѓу Михаил Јованов и извесен Лазар Л., во кој се коментираат резултатите на парламентарните избори. Михаил му вели на Лазар: „Нашата Левица многу слаба…“ Лазар, пак, возвраќа дека неговиот е еден од гласовите дадени за Ванковска (најверојатно се мисли на избирачкото место што го спомнуваат, на кое имало само 14 гласови).
Михаил и Лазар понатаму бистрат политика и зборуваат кој пратеник би влегол – се спомнува извесен Суад, па Душанка, како и тоа дека Левица најверојатно ќе имала 5-6 пратеници. Но и дека во Скопје прво е ВМРО, па Левица пред СДСМ. „Експертиве“ расправаат и за ДУИ (за тоа дека во изборната единица 3 имале 1.500 гласови), за СДСМ дека ќе се распадне како ПАСОК, за тоа дали Максим Димитриевски ќе влезе во Владата…
Впечаток е дека двајцата „политички аналитичари“ не се баш вмровци по вокација, туку поверојатно е дека се симпатизери и гласачи на Левица. Што, бездруго, воопшто не е важно…
Кој треба да истражи дали завршил Михаил работа со Оливер, преку врската Станко?
Тука запирам со презентација на делови од извештајот за телефонската комуникација, а својата постапка и јас ја оправдувам повикувајќи се на „јавниот интерес“. Денес сите се повикуваат на тој недефиниран јавен интерес, тоа е модерно…
Не е моја работа да истражувам дали Оливер Спасовски во 2022 година интервенирал да ја спаси дискотеката „Пулс“ од „притисоците“ на кочанската полиција да се плати казна од 40.000 евра. И дали мајката на Михаил, односно неговиот дедо, преку фамозната врска Станко, завршил работа со Оливер. И дали началникот на полицијата за Источна Македонија навистина го викнал началникот од Кочани да му с’рже… Јас сакам да верувам дека ништо од сето тоа не се случило, но истражните органи немаат право на таква комоција – индициите од телефонската комуникација тие сепак треба да ги истражат, ако веќе не го сториле тоа.
Исто така, истражните органи треба да утврдат дали во јуни 2023 година Михаил и Дацо – откако младиот газда на „Пулс“ наводно стигнал до Благој Вочварски и до Сања Лукаревска, а Дацо го поучува да го „фати“ и Трајче Стојчевски – успеале да го скршат незгодниот Никола Тушев, началникот на УЈП што не сакал да „попушти“ за некоја ујдурма.
Подлегнал ли тој Никола, што бил шура на министерот Бојан Маричиќ, а сестра му била пратеничката Маринела Тушева? И за каква работа требало да попушти тој? Барем за тоа сигурно би можеле да посведочат Михаил и Дацо.
Со медиумски „бомби“ треба да се покријат слабостите во обвинението за трагедијата во Кочани
Зад овие примери од комуникацијата што ги презентирав, остануваат еден битен впечаток и еден ноторен факт.
Впечатокот е дека на локално ниво, газдите на дискотеката „Пулс“, како и многу други газди во македонските градови и села, убаво си живеат со локалните инспектори и началници, без разлика дали се „комуњари“ или „вмровци“, а можеби и некои трети – си се грижат едни за други, си одат на седенки, си купуваат и си поправаат наочари и најважно, заеднички бараат канали како да ги „фатат“ клучните луѓе што одлучуваат на повисоките нивоа и во централната власт. Бараат чаре како да си тераат по старо и како да ги симнат од врат чесните луѓе, кои, ете, многу се занесуваат.
Фактот е дека во периодот за кој зборуваме и кој веројатно е клучен за начинот на кој е поставено работењето на кочанската дискотека на смртта – од 2022 до 2024 година – централната власт сепак е во рацете на СДСМ. Тоа за владата на ВМРО-ДПМНЕ и за нејзините кадри кои ги наследиле проблемите не е суштинска олеснителна околност, но и фактот што сега власта е променета не може да биде олеснителна околност за клучните луѓе на СДСМ кои имале допирни точки со проблемите на дискотеката „Пулс“ и за кои младиот газда Михаил и инспектор Дацо зборуваат во меѓусебната комуникација, како и со други лица.
Конечно, сето тоа и не е најважната работа, но кога веќе некој упрно сака на кочанската трагедија да ѝ даде партиска боја, треба тоа малку почесно да го прави, а не со криење и со лажење. Сепак, најважно е кочанчани, кои се избезумени и гневни после трагедијата, но и целата јавност, да сфатат дека треба енергично да бараат Јавното обвинителство својата работа да ја врши чесно, професионално и одговорно. А не е ни чесно ни одговорно тоа јавно да лиферува докази од истрагата.
Јавноста треба да знае зошто се прави таа манипулација. По лошо завршена работа во истрагата, поради слабостите во обвинението кои сега јавно го критикуваат и некои од бранителите на обвинетите (утре и други ќе кренат глас), поради очекувањето и блиските на жртвите и на повредените да не бидат задоволни од обвинението и од текот на судскиот процес, Јавното обвинителство на чело со Љупчо Коцевски сега се обидува да ја придобие јавноста, со медиумски „бомби“,па дури и со обиди да се замолчат адвокати кои се осмелуваат јавно да проговорат за недокваканоста на најновиот „бисер“ на творештвото на Љупчо Коцевски и на неговата екипа.
Ова е „ракописот“ на поранешното СЈО
На што ве потсетува сево ова? На „ракописот“ на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Се гледа тоа од авион.
Ова потсетува на оние спектакуларни прес-конференции, на кои на табла се цртаа кругчиња и квадратчиња со впишани имиња на луѓе и на фирми – тоа беше начинот на кој „бомбите“ на Зоран Заев и на Катица Јанева со волшебно стапче се претвораа во истраги и во обвиненија. Тие, пак, потоа послужија како материјал за рекетирање бизнисмени. Најголем дел од критично важните обвиненија потоа завршија неславно во судовите, каде што се водеа долги постапки, некои обвиненија застаруваа, некои мораа да завршат со ослободителни пресуди, а некои осудителни пресуди, пак, ќе останат како паметници на големиот срам на македонското правосудство.
Јас сум убеден дека доколку се остави Љупчо Коцевски и обвинителите од поранешното СЈО и понатаму да ведрат и облачат во Јавното обвинителство, обвинението за трагедијата во Кочани и судската постапка ќе се соочат со многу сериозни проблеми. И никакви протекувања докази од „свиркачи“ од Јавното обвинителство, никакви медиумски приказни и анализи (вклучувајќи ја и оваа што ја читате), нема да помогнат да се спасиме од уште една срамна театарска претстава во судница, од уште една трагедија со која ќе се надополни трагедијата во која загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.