ВАРДАРИШТЕ МОРА ИТНО ДА СЕ РАСЧИСТИ И ОБЕЗБЕДИ Шукова најави модерна претоварна станица по европски стандарди

Според Шукова, дел од Вардариште и натаму функционира како претоварна станица, но остатокот е запуштен и претставува извор на загадување, особено за општините Аеродром и Гази Баба.

249

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, реагираше на долгогодишниот проблем со Вардариште, посочувајќи дека локацијата претставува сериозна еколошка и безбедносна закана и дека е потребна итна акција за нејзино расчистување и обезбедување.

– Имало неколку обиди за расчистување на Вардариште, но без траен ефект. Просторот е необезбеден и неограден, без континуиран надзор, што овозможува граѓани и фирми да депонираат шут и комунален отпад. Прво мора да се расчисти теренот, да се огради и да се воведе 24/7 надзор. Само така ќе спречиме нови пожари и загадување – изјави Шукова.






Според неа, дел од Вардариште и натаму функционира како претоварна станица, но остатокот е запуштен и претставува извор на загадување, особено за општините Аеродром и Гази Баба.

– Палењето на отпадот предизвикува сериозно загадување, но воздухот не познава граници. Затоа овој проблем не е локален, туку заеднички – додаде Шукова.

Таа повика на координирана акција со механизација и тешка машинерија, со цел Вардариште конечно да добие третман каков што заслужува.

Во гостување на ТВ21, Шукова ја појасни институционалната поставеност на Вардариште и истакна дека оваа локација не е во државна надлежност, туку е целосно под одговорност на Градот Скопје.

– Вардариште до 1996 – 1997 година беше депонија за градот Скопје. Откако беше изградена Дрисла, Вардариште стана претоварна станица. Овој простор е во надлежност на Градот Скопје и не е под одговорност на државата. Локалната власт мора да покаже сериозна одговорност и капацитет во управувањето со овој објект – изјави таа.

Шукова нагласи дека Вардариште мора да стане модерна претоварна станица по европски стандарди, со системи за селекција и третман на отпадот.

– Тоа не значи само претовар од помал камион во поголем, туку поставување систем за селекција, третман и користење на отпадот. Само така овој простор ќе биде дел од современ, одржлив систем – порача Шукова.

Шукова истакна дека решението мора да биде регионално, со вклучување на сите општини од Скопскиот регион и користење на европски ИПА фондови.

– Скопскиот регион треба да се финансира преку европски пари. За тоа мора да се изработи нова физибилити студија која ќе покаже како ќе се собира и третира отпадот во целиот регион, а не само во градот Скопје – објасни таа.

Според неа, се работи на нова студија финансирана од Европската унија, која ќе биде основа за нови инвестиции и треба да биде готова во рок од една до година и пол.

Кандидатката на СДСМ посочи дека Скопје мора да изгради сопствен систем за управување со отпад, наместо да се потпира на неуспешни концесии.

– Имаше обиди за концесија на Дрисла, но тие не беа успешни. Приватните партнери работат по повисоки цени, што значи повисоки трошоци за граѓаните. Затоа мора сами да го изградиме системот, со селекција, со реупотреба, со одговорност – рече Шукова.

Таа додаде дека се залага за нов модел на наплата според количина на отпад, а не според квадратура на станот, бидејќи моменталниот систем не обезбедува доволно средства за одржливо функционирање на јавните претпријатија.

– Управувањето со отпад е еден од трите најважни приоритети за Скопје и мора да го третираме како таков – со системски, а не ад-хок решенија – порача Шукова.

Шукова најави дека доколку добие доверба од граѓаните, веднаш ќе започне реализација на БРТ-системот, модерен автобуски транспорт кој значително ќе го намали загадувањето и ќе го подобри јавниот превоз.

– БРТ е најбрзото и најреално решение за јавниот транспорт во Скопје. За првата линија од Ѓорче Петров до Аеродром веќе имаме целосна проектна документација, објавен тендер и обезбедени 40 милиони евра од ЕБОР. Ако веднаш се започне со имплементација, на почетокот на 2028 година граѓаните ќе ја користат првата линија – изјави Шукова.

Таа посочи дека паралелно со изградбата на оваа линија, која треба да биде во должина од 13 километри, се предвидува, 21 нова постојка, околу 30 нови автобуси со фреквенција на движење на секои 5–6 минути, и можност за превоз на околу 65.000 патници дневно во нови, чисти и еколошки автобуси кои нема да загадуваат.

Покрај тоа, ќе се работи и на втората линија Север–Југ, за која ЕБОР условно има обезбедено дополнителни 30 милиони евра, но за реализација е потребна нова студија со оцена на влијание врз животната средина, економски и социјален бенефит, и одржливост.

Шукова потенцира дека во рок од 4–5 години, Скопје може да добие две главни БРТ линии, со што ќе се интегрира целиот јавен транспорт и ќе се овозможи брз, чист и достапен превоз за сите граѓани.

Поврзани содржини