ОБНОВЕНИ ФАСАДИ, ОСВЕТЛУВАЊЕ, ЈАВНИ ТОАЛЕТИ, ПОДЗЕМЕН ПАРКИНГ… Меџити го претстави својот план за преродба на Старата чаршија

Ќе ја издигнеме Чаршијата во симбол на нашиот културен идентитет и мотор на економскиот развој и туризмот - изјави кандидатот за градоначалник на Општина Чаир Изет Меџити.

21

Старата чаршија е многу повеќе од трговски комплекс, таа е живата историја на Скопје, душата на градот и срцето на Чаир – рече кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата Вреди, Изет Меџити, кој на денешната прес-конференција го презентираше третиот столб на неговата изборна програма, фокусиран на преродбата на Старата скопска чаршија.

Тој нагласи дека неговата цел е ова културно наследство да се трансформира во модерен европски центар на туризмот и културата, преку конкретни проекти и обезбедено финансирање.






– Чаршијата не е само збир на улици и дуќани. Таа е нашата жива историја, духот на Скопје и срцето на Општина Чаир. Наша должност е не само да го сочуваме овој бесценет бисер, туку и да го издигнеме на ниво на врвна европска туристичка атракција, препознатлива во целиот регион. Нашата визија е Чаршијата да стане просперитетен центар на културата, туризмот и економијата – изјави Меџити.

Меџити соопшти дека неговата програма за преродбата на Старата чаршија опфаќа пет клучни развојни чекори – Капитални инвестиции за враќање на автентичниот сјај, Дигитална трансформација за модерен туризам, Стандарди за секој посетител, Заштита на бисерите на Чаршијата и „Круна на преродбата“ – изградба на подземен паркинг под Плоштад „Скендербег“.

– Продолжуваме со обнова на фасадите на сите преостанати дуќани, зачувувајќи го автентичниот изглед и претворајќи ја Чаршијата во вистинска европска атракција. Модерно улично осветлување: Инвестираме во нова мрежа за осветлување за да ја зголемиме безбедноста и да ја истакнеме убавината на Чаршијата во вечерните часови – рече тој.

Со Дигиталната трансформација за модерен туризам се предвидува поставување на интерактивни паметни инфо-табли на клучните точки Плоштад Скендербег, Старата Чаршија, Бит Пазар. Меџити потенцира дека тие ќе нудат информации во реално време и бесплатен Wi-Fi за сите посетители.

Меџити најави изградба на модерни, беспрекорно чисти и лесно пристапни јавни тоалети, кои, како што потенцира, се очекува да бидат целосно прилагодени за лица со попреченост и ќе се одржуваат секојдневно, обезбедувајќи достоинствени услови за сите.

Се предвидува целосна реставрација и меѓународна промоција на нашите историски обележја: Куршумли ан, Капан ан, Сули ан, Чифте амам, Даут Пашин амам, Шенгул амам и Безистенот.

Со последниот чекор се предвидува изградба на подземен паркинг за 800 возила под Плоштад „Скендербег“, инвестиција од 25 милиони евра, веќе обезбедена од Владата. Проектот, како што рече, ќе го реши проблемот со пристапот и ќе ја претвори оваа зона во модерен урбан центар кој ја спојува историјата со европската иднина.

– Оваа програма не е список со желби. Ова е конкретен план, со обезбедени средства и јасни рокови. Со целосна посветеност и во партнерство со вас, граѓаните и еснафите, ќе ја издигнеме Чаршијата во симбол на нашиот културен идентитет и мотор на економскиот развој и туризмот – изјави кандидатот за градоначалник на Општина Чаир Изет Меџити.

Поврзани содржини