СИТЕ ПЛАЌААТ ДАНОЦИ И СИТЕ ЗАСЛУЖУВААТ ДОБРИ УСЛОВИ ЗА ЖИВОТ Центар не ги дели граѓаните по ниедна основа, порача Герасимовски

Имаме коректна соработка и со претходната и со сегашната влада. Аплициравме за финансиски средства на јавните повици што ги доделуваше самата влада, и претходната влада на СДСМ, и сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ, вели Горан Герасимовски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Центар.

308

Во изминатите 4 години не ги делев луѓето ниту по политичка, ниту по етничка, ниту по каква било друга припадност, рече Горан Герасимовски, кандидатот на СДСМ за втор градоначалнички мандат во Центар, утрово во гостување на Радио Лидер, кај новинарот Љупчо Златев.

Герасимовски потенцира дека има коректна соработка и со претходната, но и со сегашната влада, затоа што општината мора да работи во интерес на сите граѓани, без поделби и политички калкулации.






– Во изминатите четири години покажавме различност и величина. Покажавме како треба да се води една локална самоуправа во коалиција со граѓаните. Имаме коректна соработка и со претходната и со сегашната влада. Аплициравме за финансиски средства на јавните повици што ги доделуваше самата влада, и претходната влада на СДСМ, и сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Добивме финансиски средства и од претходната влада, за неколку улици и за првата фаза од реконструкцијата на салата „Работнички“. Добивме финансии и од оваа влада, на двата јавни повици што беа распишани, за реконструкција на нови улици, за втората фаза на „Работнички“ и за други проекти – рече Герасимовски.

Тој посочи дека покажал како треба да функционира вистинска локална самоуправа, транспарентно, домаќински и во интерес на сите граѓани.

– Кога сте во општината, работите за сите граѓани. Не смеете да ги делите, затоа што сите плаќаат даноци и сите заслужуваат подобри услови за живот. Така функционираме и така ќе продолжиме и во наредниот мандат – рече Герасимовски.

Тој посочи и дека работел чесно и без дамка, со постојана транспарентност во трошењето на јавните средства.

Поврзани содржини