КИСЕЛА ВОДА ЌЕ ДОБИЕ КАТНА ГАРАЖА Стаменкоска Трајкоска вети нова улица од Драчево до булеварот Србија
Катната гаража ќе биде позади зградата позната како „пегла“ и ќе се гради во соработка со Град Скопје, најави кандидатката за градоначалничка на општина Кисела Вода од ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменкоска Трајкоска.
Кандидатката за градоначалничка на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска во гостување на Радио Лидер, говореше за приоритетите кои ќе ги реализира во следните 4 години. Како прв приоритет таа го спомена паркирањето, за коешто рече дека иако се направени повеќе од 1.500 паркинг места во актуелниот мандат, тоа не е доволно и дека силен фокус ќе биде зголемување на паркинг местата.
Таа најави изградба на нова катна гаража.
– Катната гаража ќе биде позади зградата позната како „пегла“. Таа ќе се гради во соработка со Град Скопје. Но и на други места каде што ќе може да се изградат монтажни паркинг простори и нови дополнителни паркинг места – истакна таа.
Стаменкоска Трајкоска рече дека програмата е правена со голем број експерти и опфаќа 5 приоритетни проекти – системска програма за урбана и здрава животна средина, пошумување на Кисела Вода, младински центар во Драчево, ново паркирање нов ред, нова општинска зграда.
Таа најави изградба на нова улица од Маркова Река кај Драчево до булеварот Србија, позади ОХИС, што ќе ја растовари утринската гужва, како и пешачко-велосипедска патека.