ПРЕКИНОТ НА ВОДОСНАБДУВАЊЕТО НЕ Е ПОРАДИ СТРУЈАТА! Електродистрибуција го демантира Водовод
Прекинот на водоснабдувањето настанал повеќе од еден час подоцна од завршувањето на санацијата од страна на екипите на Електродистрибуција, односно околу 22 часот, аргументира Електродистрибуција.
Изнесените наводи во соопштението од Ј.П. Водовод и Канализација – Скопје, во кое се тврди дека вчерашниот прекин во водоснабдувањето во неколку населени места во Скопје бил предизвикан од краткотрајни прекини на снабдување со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец, Електродистрибуција ги отфрла во целост како невистинити.
Електродистрибуција во својот демант тврди дека напојувањето е согласно и во граница на пропишаните стандарди и не се регистрирани никакви отстапувања. Дефектот на кабелот помеѓу трафостаницата 10/04kV „Влае 2“ и трафостаницата 10/04kV „Влае 1“ настанал во 18:18 часот во недела (05.10.2025). При лоцирање на дефектот се направени исклучувања на 10kV извод „Карпош“ на дел од 10kV извод „Влае“. Санацијата на дефектот е завршена во 20:50 часот од страна на екипите на Електродистрибуција. Прекинот на водоснабдувањето настанал повеќе од еден час подоцна од завршувањето на санацијата од страна на екипите на Електродистрибуција, односно околу 22 часот, аргументира Електродистрибуција.