ТРАМП НЕ СМЕТАШЕ НА ОВА Брилијантни умови ги напуштаат САД и се селат во Кина

Истражувачите кои веќе се преселиле во Кина наведуваат различни причини за тоа, од семејни до професионални. Но, сите нагласуваат едно нешто: науката не треба да биде геополитичка игра со нулта сума, туку заедничка работа во корист на целото човештво.

240

Нуклеарен физичар од Принстон, машински инженер кој ѝ помогнал на НАСА да го истражува производството во вселената, невробиолог од Националните здравствени институти на САД, познати математичари и повеќе експерти за вештачка интелигенција… Листата на истражувачки таленти кои ги напуштаат САД за да работат во Кина станува подолга и постојано расте.

Најмалку 85 млади и етаблирани научници од САД се приклучиле на кинеските истражувачки институции од почетокот на 2004 година, според CNN.






Повеќе од половина од нив се преселиле оваа година, а експертите велат дека овој тренд само ќе расте.

Додека Белата куќа ги намалува буџетите за истражување и ја засилува проверката на странските таленти, Пекинг истовремено ги зголемува инвестициите во домашните иновации.

Обратен одлив на мозоци

Повеќето од новите кинески академици се дел од таканаречениот обратен одлив на мозоци, феномен што ја доведува во прашање долгорочната способност на САД да привлекуваат и задржуваат врвни научници. Токму оваа способност е клучна за статусот на Америка како светски лидер во науката и технологијата со децении.

Последиците би можеле да влијаат на трката меѓу Вашингтон и Пекинг во индустриите на иднината: вештачка интелигенција, квантно пресметување, полупроводници, биотехнологија и воена технологија.

Кина со години се обидува да привлече меѓународни научници, вклучувајќи илјадници нејзини истражувачи кои стекнале дипломи во САД, од кои многумина станале пионери и лидери во американската научна заедница.

Си Џинпинг сè повеќе отворено нагласува дека иновациите се клучот за економската безбедност на земјата.

Администрацијата на Доналд Трамп, од друга страна, спроведува огромни намалувања на буџетите за истражување, драстично ја зголемува цената на визите H1-B, го зголемува надзорот врз истражувањето и ги користи федералните средства како лост за притисок врз универзитетите.

Кинеските универзитети ги сметаат ваквите промени во САД за „подарок од Трамп“.

– Ќе видите проширување на нови, зајакнати и подобрени програми за истражување и обука во сите области во Кина – изјави за CNN професорот по социологија на Принстон, Ју Сие.

Вработувачите од источна Кина се отворени за тоа како промените во САД ги зголемуваат апликациите за нивните владини програми за финансирање. Особено се барани специјалисти за полупроводници, за кои побарувачката „нема граници“.

Иако Конгресот на САД е подготвен да отфрли некои од најдрастичните намалувања, штетата е веќе направена. Академските лаборатории се чувствуваат несигурно, а научниците, особено оние поврзани со Кина, се плашат за иднината.

Администрацијата на Трамп ги користеше студентските визи како адут во трговските преговори, а ова лето имаше повици за рестартирање на контроверзната Кинеска иницијатива, која беше затворена поради обвинувања за дискриминација.

Понудата на Кина: Милиони и статус

На кинеските универзитети има видливо зголемување на апликациите од странски научници.

– Знам дека кинеските универзитети се „наведнуваат наназад“ за да ја искористат оваа можност што ја дава „имагинарен“ противник – вели Лу Вујуан, хемичар од Фудан.

Објавите на социјалните мрежи покануваат „талентирани од целиот свет“, нудејќи им милиони во финансирање, бонуси, стимулации за домување и поддршка за семејства.

Програмата Киминг привлекува особено внимание бидејќи регрутира истражувачи во комерцијалниот сектор – од полупроводници до квантна наука и вештачка интелигенција.

Во јули, беше започната посебна рунда апликации само за кандидати од САД и Европа, што регрутерите го опишуваат како „невиден потег“, а во октомври стапува на сила новата „К виза“ за млади научници и технолошки таленти.

Владата на САД со години ги смета кинеските програми за закана. ФБИ ги опишува како обид за кражба на странска технологија за постигнување на целите на кинеската држава и војска.

Програмата „Илјада таленти“, која нудеше позиции во Кина, а воедно ги задржуваше западните кариери, номинално беше затворена откако учесниците станаа мета на американски истраги.

Кина, исто така, ги темели своите напори на економски раст.

– Да останев во Кина во 1989 година, немаше да ги имам истите можности за академски раст – ​​се сеќава Лу, кој потоа отиде да студира во САД.

Светска сила во науката

Денес, Кина е светска сила во науката. Само во 2023 година, таа инвестираше повеќе од 780 милијарди долари во истражување и развој, речиси колку и САД.

– Една нација напредува кога нејзината наука и технологија напредуваат – рече претседателот Си минатото лето, ветувајќи дека Кина ќе стане „силна и независна научна нација“ до 2035 година.

Резултатите се видливи: вселенската програма, квантната комуникација, обновливите извори на енергија и хиперсоничното оружје. Стартапот DeepSeek ја шокираше Силиконската долина со чет-бот кој е конкурент на OpenAI, но со значително пониски трошоци.

И покрај напредокот, експертите предупредуваат дека Кина има уште долг пат пред себе за да го достигне нивото на Америка. Економското забавување, строгата контрола на Партијата и политичката средина го отежнуваат привлекувањето странски научници, а животот во таа земја е исто така предизвикувачки поради јазикот и социјалната клима.

Податоците покажуваат дека повеќе од 80 проценти од Кинезите кои докторирале на американските универзитети остануваат во САД по студиите, а повратниците понекогаш се соочуваат со критики од националистичката јавност.

– Ако американските универзитети продолжат да ја финансираат науката како што досега, ќе биде потребно долго време Кина да го достигне. Но, ако ги изгубат најдобрите луѓе и тие одат во Кина, Европа или на друго место, тоа би можело да биде катастрофа – предупредува математичарот  Јау Шинг-тунг, добитник на Филдсовиот медал.

Истражувачите кои веќе се преселиле во Кина наведуваат различни причини за тоа, од семејни до професионални. Но, сите нагласуваат едно нешто: науката не треба да биде геополитичка игра со нулта сума, туку заедничка работа во корист на целото човештво.

Поврзани содржини