НАЈГОЛЕМАТА ПОБЕДА ВО КАРИЕРАТА Ѓорческа ја порази поранешната број 1 Каролина Плишкова

Македонската тенисерка во првото коло на силниот турнир W125 Самсун Опен ја совлада Плишкова со 2:0 во сетови и обезбеди пласман во второто коло.

95

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа постигна сензационална победа на стартот од турнирот W125 Самсун Опен, откако денеска ја совлада поранешната број 1 на ВТА листата, Каролина Плишкова од Чешка. Ѓорческа триумфираше со 2:0 во сетови (6:4, 6:3) по 75 минути игра и стигна до најголемата победа во својата кариера.

– Ова е еден од оние моменти кои ќе ги паметам цел живот. Да се победи поранешна број 1 е голема чест и огромна мотивација за понатаму – изјави Ѓорческа по мечот.






Плишкова, која во кариерата осум недели беше на врвот на светскиот тенис и има два Грен слем финалиња (Вимблдон и УС опен), ја започна подобро средбата. Таа направи брејк за водство од 2:1 и подоцна поведе со 4:2, но Ѓорческа возврати со серија од четири гема и го доби сетот со 6:4.

Во вториот сет, македонската тенисерка направи брејк во четвртиот гем по долга борба од 14 поени и ја одржа предноста до крај за конечни 6:3 и триумф од 2:0.

Во второто коло, Ѓорческа ќе игра против белгиската тенисерка Софија Костулас, која ја совлада Вероника Фалковска од Полска со 2:0 (7:6(1), 6:4).

Денеска Ѓорческа ја очекува и настап во двојки. Заедно со турската партнерка Чагла Бујукакчај треба да го доиграат мечот од првото коло против словенечките тенисерки Далила Јакупович и Ника Радишич, кој беше прекинат поради дожд. Словенечките тенисерки водат со 1:0 во сетови, а во вториот сет резултатот е 1:1 во гемови.

Поврзани содржини