ЛЕВИЦА И ДУИ „РАКА ПОД РАКА“, СДСМ СО ЈАКИМОВСКИ Две коалиции се здружија за лични бизниси и профит, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека задкулисните договори меѓу Левица, ДУИ, СДСМ и Јакимовски се водат исклучиво за личен профит, тендери и политички зделки, а не за интересите на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со соопштение во кое обвини за постоење на „две задкулисни коалиции“ на актуелната политичка сцена. Според партијата, Левица и ДУИ наводно заеднички настапуваат во Струга и Тетово, додека СДСМ е обвинет дека во Карпош влегол во сојуз со Стевчо Јакимовски.
„На овие избори се разоткрија вистинските лица на политичката сцена. Се обединија структури за најголемите криминални интереси и политички профити, а нивната цел е да ги заштитат личните бизниси“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата тврдат дека Али Ахмети и Димитар Апасиев, кои досега се претставувале како политички противници, сега во Тетово и Струга настапуваат „рака под рака“ со цел да се спаси ДУИ од пораз во прв круг.
„Апасиев и Левица, кои порано ги поддржуваа СЈО за дебели хонорари, сега повторно се продаваат за позиции, фотелји и кеш. Тоа е политиката на пазар и мито која се крие позади маската на идеологијата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
За Карпош, партијата обвинува дека СДСМ, заедно со Зоран Заев и Венко Филипче, влегле во коалиција со Јакимовски, кој е на американската „црна листа“.
„Карпош е претворен во пазар на политички зделки. Триото Заев, Филипче и Јакимовски нема идеологија, само профит и проценти. Општината за нив е каса од која ќе се финансираат нови коруптивни шеми“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму додаваат дека „народот ги препознава игрите зад кулисите на Заев, Филипче, Ахмети и Апасиев“ и уверуваат дека „тие ќе бидат дебело поразени на овие избори“.