ОД ПОЛНОЌ СТАРТУВА ИЗБОРНАТА КАМПАЊА Во трка се 309 кандидати за градоначалници и над 10.000 за советници

Локалните избори 2025 ќе се одржат на 19 октомври, со втор круг на 2 ноември – 1.832.415 граѓани со право на глас ќе одлучуваат за градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје.

242

Од полноќ започна 20-дневната изборна кампања за локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври, додека вториот круг е закажан за 2 ноември. Ова ќе бидат осми локални избори од независноста на државата, а четврти на кои истовремено ќе се избираат и градоначалници и советнички листи.

На изборите годинава вкупно 309 кандидати ќе се борат за градоначалнички функции во 80 општини и Градот Скопје, додека за општинските совети се пријавени 576 листи со вкупно 10.490 кандидати.






Претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, информираше дека Избирачкиот список е заклучен со вкупно 1.832.415 граѓани со право на глас.

– Според евиденцијата, 112.000 избирачи се на привремена работа или престој во странство, 2.162 се во затвор или притвор, а 450 лица се во домовите за стари лица и тие исто така ќе можат да го остварат своето право на глас – истакна Кондарко.

Увидот во избирачкиот список траеше 20 дена, во кои граѓаните имаа можност да ги проверат своите податоци и да побараат корекции. За гласањето се обезбедени 3.480 избирачки места, при што во 132 од нив каде што се потпишани помалку од десет избирачи, гласањето ќе се спроведе на најблиското избирачко место.

Буџетот за организација на локалните избори изнесува 9 милиони и 760 илјади евра. Од нив, дури две третини се наменети за медиумите и за платеното политичко рекламирање, додека останатите средства се предвидени за надоместоци на избирачките одбори, транспорт и дистрибуција на материјалите.

Локалните избори во Македонија, според Изборниот законик, се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. До сега вакви избори се спроведени во 1996, 2000, 2005, 2009, 2013, 2017 и 2021 година.

Поврзани содржини