ФИЛИПЧЕ ГИ ПРЕДАДЕ БИТКИТЕ ЗА СТРУМИЦА И ЗА СКОПЈЕ, ГЕРАСИМОВСКИ СЕ БОРИ ЗА ЦЕНТАР Ќе ги пропушти ли СДСМ сите шанси да си ја спаси барем честа на овие избори?
Цената на мешетарењето и на калкулациите на ова раководство на СДСМ, на чело со Венко Филипче, е превисока. Дури и во случај на победа на Горан Герасимовски во Центар, во битката со фаворитот Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, тоа ќе значи и пораз на Филипче. За Венко, едноставно, нема добитна комбинација.
Уште една предизборна анкета ја потврди огромната предност на ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ во пресрет на локалните избори, чиј прв круг е закажан за 19 октомври. По мерењето на предизборното расположение на избирачите во септември, што го објави Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), сега и анкетата на Маркет вижн, што ја нарача порталот МКД, покажа дека СДСМ на овие избори ќе доживее дебакл.
Тоа и не е вест што некого би изненадила. Она што е поинтересно е што анкетата на Маркет вижн ја навестува клучната причина за очекуваниот пораз на СДСМ – социјалдемократите веќе подолго време се соочуваат со криза на лидерство и резултатот на овие избори тоа недвосмислено ќе го потврди.
Криза на лидерство во СДСМ
Што открива анкетата на Маркет вижн?
На прашањето во кој лидер на политичка партија имате најголема доверба, 25,3% од испитаниците се определиле за Христијан Мицкоски. На прашањето за која партија ќе гласаат на претстојните локални избори, за ВМРО-ДПМНЕ се определиле 22,9% од испитаниците. Ова е очекувана разлика меѓу рејтинзите на партијата и на нејзиниот лидер, бидејќи природно е претседателот да го подига рејтингот на партијата, а не партијата да го „влече“ својот лидер.
Разликата во случајот на СДСМ покажува дека таа партија, сериозно оштетена во последните изборни циклуси, се уште има повисок рејтинг од својот веќе не така нов лидер Венко Филипче – во него доверба имаат само 4,8% од испитаниците, што го прави политичар со значително понизок рејтинг од оној на Али Ахмети (6,3%). Но, СДСМ ужива доверба од 5,9% од испитаниците. Тоа навистина е драстично лош резултат, но сепак значително повисок од резултатот на Филипче. Ова е класичен симптом на многу сериозна криза на лидерство во СДСМ.
Дека Венко Филипче е бледа фигура, со една уште побледа екипа околу него на Бихаќка, сведочи и фактот дека високи 41,9% од испитаниците веруваат дека поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев се уште ги контролира работите во партијата. А и настаните во СДСМ во процесот на кандидирање „тркачи“ за локалните избори потврдија дека Филипче е изгубен, дека поранешниот лидер Зоран Заев се спрема да го пушти низ вода после изборите, а инсталатите на поранешната заменик-претседателка Радмила Шекеринска се обидуваат да формираат нова политичка партија и да му зададат уште еден удар на СДСМ.
Поинаку кажано, во овој момент во СДСМ не се знае кој јаде и кој пие, единствено се знае кој плаќа. А после изборите, тој што плаќа, веројатно ќе ја испостави својата фактура до Бихаќка …
Таргети за спасување на честа
Една коректна анализа на актуелните состојби во некогаш моќниот СДСМ, во контекст на локалните избори, сепак мора да почне од објективна процена за тоа што можеа да сторат Филипче и неговиот тим, за да дојдат до резултат за кој би можело да се рече дека означува крај на кризата во партијата и почеток на обновата.
На овие локални избори СДСМ не се бори за победа, бидејќи нема човек што не знае дека тоа е невозможна мисија. На овие избори СДСМ се бори – или, попрецизно кажано, би требало да се бори – за спасување на честа. Само скор од освоени градоначалнички мандати во три клучни единици на локалната самоуправа, би можел да се протолкува како „спасена чест“: на партијата ѝ се потребни победи во општините Центар и Струмица и во Град Скопје. Би можело кон овие таргети да се придодаде и скопски Карпош, но тоа веќе би било преголемо очекување од овој СДСМ, а и приказната во оваа општина е нетипична.
Зошто се пресудни токму овие три таргети?
Ако СДСМ изгуби во Струмица на Заеви, ќе стане јасно дека ова раководство, со лидер под целосна контрола на Зоран Заев, е тотално неспособно за каква било изборна битка. Ако СДСМ ја изгуби градоначалничката фотелја во скопската општина Центар што ја држеше во изминатиот мандат (Горан Герасимовски), тоа ќе значи дека партијата е за никаде, а Филипче ќе треба дефинитивно да се пресели во Струмица, во Дубаи или на јахтата на Халкидики (ако го примат). Конечно, после еден катастрофален мандат на скопската градоначалничка Данела Арсовска, донесена на власт од ВМРО-ДПМНЕ, дури и осакатениот СДСМ можеше да се потруди со квалитетен кандидат и со добра кампања да покаже дека се враќа на сцената.
Две предадени борби
Но, како што сега стојат работите – а тие нема да се променат до изборите – две од трите добри битки за СДСМ веќе се изгубени.
Првата е онаа во Струмица. Иако има некои пикантни приказни, коректно е да се каже дека во јавно нерасветлени околности, СДСМ се откажа од Костадин Костадинов и за свој тркач избра друг партиски кадар. Неочекувано, стана извесно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие градоначалничката фотелја во главниот град на Заеви полесно отколку што се очекуваше. Би се осмелиле да предвидиме дека и тој грев, меѓу другите, на Филипче нема да му биде простен…
Сепак, многу поинтересно е зошто Венко Филипче толку лесно ја предаде битката за градоначалник на Скопје. Според информации на Плусинфо добиени од партиски извори, во периодот кога СДСМ го токмеше и срамежливо го промовираше професорот Мишко Ралев за свој градоначалнички кандидат, Венко Филипче водел тајни разговори и со Билјана Ивановска, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), таа да биде кандидат за градоначалник за Скопје. И на крајот, конечниот избор неочекувано падна на – Каја Шукова.
Мала е веројатноста дека со Ралев или со Ивановска СДСМ би победил, но борбата со „булдожерот“ на ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски бездруго би била порамноправна. Ралев, на пример, сигурно би можел да демонстрира завидна експертиза во дебатите, а Ивановска можеби би успеала да го возбуди контингентот разочарани сдсмовски гласачи. Вака, Орце Ѓорѓиевски ќе се прошета на изборите, а ако излезноста биде висока (Маркет вижн предвидува 64,4%), тој ќе победи уште во првиот круг.
Но, зошто Филипче ја „анкетирал“ Билјана Ивановска? Освен што е познато дека тие двајцата имаат и персонални релации, злобниците шпекулираат дека како претседателка на ДКСК, Ивановска во фиока чувала неколку компромитирачки предмети за Филипче. Немаме потврда дека тоа е точно, но можеби и таа тема ќе се отвори во кампањата.
Кога се будат диносаурусите …
Како што е познато, на крајот, приказната со Билјана Ивановска завршува со договор таа да се појави како независен кандидат за Центар, поддржана од инсталатите на Радмила Шекеринска. Но, можеби не само од нив, можеби се разбудени и некои други „диносауруси“ во СДСМ. Повеќе интереси наводно се склопиле околу овој план. Структурите на Радмила Шекеринска наводно биле незадоволни од Горан Герасимовски. Незадоволни биле и кадрите во СДСМ со бекграунд од Соросовата фондација, на чело со Фани Каранфиловска. Сепак, не е сосема јасно зошто Венко Филипче би влегол во една ваква „трипер комбинација“ да ги подрива позициите на партискиот кандидат Герасимовски за сметка на „независната“ Ивановска.
Покрај околностите кои веќе ги спомнавме, дознаваме дека на Венко Филипче во меѓувреме му влегла во уши и една друга приказна: ако Герасимовски победи во Центар – а тоа би била единствената победа на СДСМ на овие избори вредна за фалење – тој ќе го пикира лидерското место во партијата. Велат дека Филипче се плашел од таа помисла, па дури и од фактот што Герасимовски го набилдал тимот поддржувачи околу себе. И да се разбереме – тој страв е реален. Освен како приврзок на Заев, Венко Филипче зад себе нема ниту една своја изборна победа. Евентуалната втора победа на Герасимовски по ред дефинитивно ќе го зајакне неговиот кредибилитет во СДСМ и веројатно многумина ќе го видат во улогата на нов лидер на партијата, на местото на изгубениот случај Филипче.
Да биде галиматијасот комплетен, се чини дека во овие мешетарења, меѓусебни одмерувања на силите и фемкања, Венко Филипче и инсталатите на Радмила Шекеринска во ликот на структури самонаречени „независни“ (а се отепаа и не успеаја да формираат политичка партија), изгоре уште еден „независен“ кандидат, за кого велат дека во други околности би можел да пружи многу повеќе. Тоа е Горан Марковски, декан на Градежниот факултет во Скопје. Во едно од неговите први јавни појавувања, „независните“, научени на оние инфантилни „герила акции“ од времето на Шарената револуција, го натераа професорот Марковски да се појави пред камерите со маска на диносаурус преку главата. Кој знае што го чека кутриот декан до крајот на кампањата…
Ќе му каже и другарчето од јахтата
Многу сегашни и бивши членови и симпатизери на СДСМ се исчудуваат како може луѓето од актуелното партиско раководство да бидат толку неспособни или оптоварени со некои свои лични комбинаторики, планови и фрустрации. Не е јасно зошто е предизвикана оваа ситуација никој, па ни кандидатите на таа партија, да не знаат кого всушност поддржува СДСМ.
Освен една „трипер комбинација“ во Карпош, каде СДСМ се надева на Стевчо Јакимовски во вториот круг против Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ (докторката Маја Мојсовска веќе е пуштена низ вода), не се потонати шансите на Герасимовски за победа во Центар. Но, цената на збрката е превисока. Рапидно растат шансите на кандидатот на ЗНАМ за Центар, Мирослав Лабудовиќ.
Како и да е, трката за Центар, во која во вториот круг најверојатно ќе се соочат Герасимовски и Лабудовиќ, ќе покаже уште една битна работа – дека раководството на СДСМ на чело со Венко Филипче, со сите свои мешетарења и калкулации, веројатно веќе ја пропушти шансата да победи во Центар. Да не бидеме погрешно разбрани: дури и победа на Герасимовски ќе значи пораз на Венко Филипче.
Филипче губи во секој случај. Најмалку што можеше тој да стори на овие избори беше да ги обедини осакатеното членство и разочараните симпатизери околу партиските кандидати, а не да мешетари и да мисли само на својата фотелја. Ионака после поразот ќе мора да ја напушти. А тоа ќе му го каже и другарчето од јахтата …