ВО ФУНКЦИЈА Е РАДАРОТ НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ Николоски откри дека нов радар се чувал неотворен, а се работело со стар за кој нема резервни делови
Министерот за транспорт најави дека на првата седница на влада ќе се донесе одлука за монтирање на новиот радар.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска соопшти дека радарот на скопскиот аеродром е ставен во функција и најави дека следната недела владата ќе донесе одлука да се монтира новиот радар кој не бил монтиран бидејќи претходната влада не донела одлука за тоа.
Николоски рече дека за три дена е решен проблемот, но во тој период не била доведена во прашање безбедноста на авиосообраќајот за што, како што рече, говори и тоа што ниту една авиокомпанија не ги откажала летовите.
-Утрово радарот е ставен во функција, и проблемот е решен. Би сакал да кажам дека успеавме проблемот да го решиме во рекордно време од само три дена и уште повеќе да детектираме една работа која што не беше позната на јавноста, а тоа е дека и досега, седум години наназад овој радар работел само со еден канал. Во овие три дена, со заедничка координација на повеќе ресори од Владата, благодарност до сите, како и на премиерот, но и благодарение на активната работа на раководството на МНАВ, на сите стручни лица во МНАВ, како и во пријателска соработка со неколку странски држави успеавме да најдеме решение и сега во функција се двата канала – рече Николоски.
Тој се заблагодари за помошта на контролата на летање од Бугарија и на италијанската Влада.
Николоски ја повика опозицијата да биде многу внимателна кога изнесува информации во јавност кои се од безбедносен карактер за да не се создава паника кај населението.
– Сите безбедносни протоколи беа испочитувани овие три дена, и гледате најнормално полетуваа и слетуваа на аеродромот во Скопје авиони од сите авиокомпании, ниедна не откажа, затоа што сите безбедносни протоколи беа испочитувани и така ќе продолжи да биде и во иднина – рече Николоски.
Според него, суштинското прашање е зошто радарот кој е стар 27 години не бил заменет иако имало набавено нов.
-За него престанале да се произведуваат делови пред седум години, односно на 20-тата година од инсталирањето на радарот веќе не се произведуваат резервни делови и навистина е чудо како успеавме да најдеме резервни делови. Во исто време сакам да прашам зошто претходната влада на СДСМ не го инсталираше, не го монтираше целосно новиот радар којшто е пристигнат во Скопје од компанијата Леонардо? – рече Николоски.
Тој најави дека на следната седница на Влада во вторник биде донесена одлука за монтирање на радарот.
Николоски ја потврди дека е безбедно слетувањето и полетувањето на авионите и со тоа што тој денеска пристигнал на аеродромот од Грција.
-Јас денеска слетав на скопскиот аеродром. Така што и тоа е една гаранција за безбедност, што сум решил и јас да го користам скопскиот аеродром – рече Николоски.