ЗА ЃУБРЕТО ВО СКОПЈЕ ЌЕ ИМА ОДГОВОРНОСТ Мицкоски пак се извини за Данела и рече дека Орце ќе го светне градот за 72 часа

Премиерот Мицкоски најави генералка од сметот во првите 72 часа по победата на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ.

2,699

Премиерот Христијан Мицкоски денеска уште еднаш им се извини на скопјани за тоа што пред четири години ја поддржа Данела Арсовска за градоначалничка на Скопје. Тој изјави дека чувствува одговорност за таа одлука, но истакна дека ќе има и политичка и институционална разрешница за сегашната состојба поради која главниот град е затрупан со ѓубре.

– Работиме внимателно. Ние не правиме естрада од ништо, водиме политика која е многу внимателна. Процесите што ги водите имаат одговорност и на крајот тој процес мора да има име и презиме. Бидете сигурни дека ќе има одговорност и ќе има име и презиме – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали МВР влегло во ЈП „Комунална хигиена“, каде што, според него, нешто ги сопира камионите да излезат и да го соберат сметот.






Премиерот зборуваше по посетата на новата спортска сала во училиштето „Димитар Поп Беровски“ и ја искористи приликата да им даде поддршка на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници.

Тој најави дека во првите 72 часа по нивната победа, ќе се направи генерално чистење на Скопје и другите општини каде што ВМРО-ДПМНЕ ќе има свои градоначалници.

– Орце Ѓорѓиевски ќе победи во првиот круг и веднаш ќе направи генералка во Скопје. Истото ќе го стори и Александар Стојковски во Ѓорче Петров. Ќе направиме генералка од сметот што ќе го остават градоначалниците што ќе си заминат – порача Мицкоски.

Поврзани содржини