ПЛАТАТА ВО ЈУЛИ Е ЗА 10,5% ПОГОЛЕМА ОД ЈУЛИ 2024 ГОДИНА Државниот и јавниот долг се намалени, потенцира Мицкоски
Сите оние тези на СДСМ, дека платата не растела, дека долгот се зголемувал, дека сме ги задолжиле неродените генерации со седум милијарди итн. полека но, сигурно, како меур од сапуница, се распрснуваат, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Секогаш, како Влада, треба да работиме повеќе за да можат работниците да добијат повисока плата, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за најновите податоци од Државниот завод за статистика за движењето на платите.
– Видете, прво, никогаш не можете да бидете задоволен од висината на приходите, односно на платата, и секогаш, како Влада, треба да работиме повеќе за да обезбедиме дополнителни средства или да обезбедиме таква средина за бизнисот да се развива, за да можат работниците да добијат повисока плата. Но, она коешто е важно е дека сите оние тези на СДСМ, дека платата не растела, дека долгот се зголемувал, дека сме ги задолжиле неродените генерации со седум милијарди итн. полека но, сигурно, како меур од сапуница, се распрснуваат. Имено, вчера Државниот завод за статистика објави податок дека и бруто и нето платата во јули е за повеќе од 10,5% поголема од јули 2024 година, којшто, впрочем, беше и прв месец од оваа Влада. Така што тезата на СДСМ дека платите не само што не растеле, туку и се намалувале, не држи вода – рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека на крајот од вториот квартал, заклучно со јули 2025 година, за прв пат после многу време и државниот и јавниот долг се намалени.
– Исто така, СДСМ има уште една теза, повторно лажна, а тоа е дека сме ги задолжиле неродените генерации. Министерството за финансии излезе со јасен дијаграмски приказ колкав е процентот на државниот и на јавниот долг од Бруто-домашниот производ, и многу лесно можете да забележите дека на крајот од вториот квартал, заклучно со месец јуни 2025, за првпат после многу долго време, и државниот и јавниот долг се намалени, едниот за 4%, другиот за 2,7%. Така што уште една теза на СДСМ дека сме ги задолжиле неродените генерации паѓа во вода – рече Мицкоски.
Мојата препорака до нив, додаде премиерот, би била да бидат конструктивна опозиција, да научат од грешките во минатото, да не ги повторуваат и набргу од денес да бидат фактор којшто ќе им служи на граѓаните, пред сè.