СИТУАЦИЈАТА ВО ГАЗА Е КАТАСТРОФА ЗА ЧОВЕШТВОТО Калас со остра порака до Израел, но и барање до Хамас

Ставот на министрите од ЕУ е јасен, решението за две држави е единствената реална можност за траен мир на Блискиот Исток, вели Калас.

116

Подобрувањето на хуманитарната состојба во Појасот Газа не зависи од признавањето на Палестина, изјави високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, по состанокот во Њујорк со министрите за надворешни работи на Бразил, Индија и Мексико.

– Сите европски земји го поддржуваат решението за две држави. За да постојат Израел и Палестина како рамноправни партнери, некои земји членки преземаат чекори кон признавање на Палестина, за да испратиме јасен сигнал дека ги поддржуваме Палестинците во овој конфликт – истакна Калас.






Според неа, ставот на министрите е јасен – решението за две држави е единствената реална можност за траен мир на Блискиот Исток.

– Тоа значи безбеден Израел и одржлива палестинска држава – нагласи таа.

Калас ја нарече ситуацијата во Газа „катастрофален неуспех на човештвото“ и ја повика израелската Влада веднаш да ги отстрани сите хуманитарни ограничувања.

– Хамас мора да го положи оружјето и да ги ослободи заложниците. Но, и проширувањето на доселеничките населби и анексијата на палестински територии се некомпатибилни со мирот – порача Калас.

Таа потсети дека ЕУ е најголем донатор на хуманитарна помош и силен поддржувач на Палестинската самоуправа.

На состанокот се дискутирало и за војната во Украина. Калас предупреди дека секој руски воздушен напад дополнително ги уништува шансите за дипломатско решение.

– Русија покажува апсолутен презир кон обидите за мир. Повторените повреди на воздушниот простор на ЕУ се опасни и може да излезат од контрола. Затоа предложивме нов пакет санкции против Москва – изјави таа.

Во разговорите со Бразил, Индија и Мексико била потенцирана важноста од зачувување на меѓународниот поредок базиран на правила.

– Русија секојдневно ги крши принципите на Повелбата на ОН. Денеска нагласивме дека мултилатералниот систем мора да се брани, бидејќи Повелбата на ОН е неговата суштина – додаде Калас.

Поврзани содржини