МАКЕДОНСКИ ФИЛМ ЗА ПРВПАТ НА NATIONAL GEOGRAPHIC Светски познатата мрежа ја откупи „Приказната за Силјан“

Уште како мала, National Geographic ми беше омилена литература. Статиите и приказните од National Geographic ме инспирираа да станам документарист. Од тогаш сонувам да ги доживеам авантурите и предизвиците на фотографите и документаристите кои работат за оваа компанија. И сега, кога истата таа компанија го купи мојот филм, тоа е остварување на најголемиот сон кој не мислев дека може да стане реалност, изјави Тамара Котевска, режисерка и продуцентка на филмот.

318

Македонија повторно испиша историја во светската кинематографија. „Приказната за Силјан“ на двојно оскар-номинираната режисерка Тамара
Котевска е откупен од National Geographic Documentary Films, еден од најреномираните светски дистрибутери на документарни остварувања.

Филмот годинава ја доби „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм на Биеналето во Венеција, предизвика овации на преполните проекции во
Торонто, а стана и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.






Откупот од National Geographic Documentary Films значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најреномираните
дистрибутери на документарни филмови во светот. Тоа му овозможува на филмот да стигне до публика во над 170 земји преку каналите на National
Geographic и Disney+ со силна маркетинг и фестивалска поддршка.

За македонски филм, ова е историски успех затоа што станува збор за институција која стои зад добитници на „Оскар“ и „Еми“, а самиот факт што ја препозна „Приказната за Силјан“ е доказ за неговата универзална вредност.

Паралелно со договорот со National Geographic, дел од правата за „Приказната за Силјан“ ги презема британскиот Dogwoof, чиј каталог вклучува повеќекратни добитници на „Оскар“ и „Бафта“. Dogwoof ќе биде задолжен за дистрибуцијата на филмот во Австралија, Јапонија и Полска.

Истовремено, Здружението на филмски работници на Македонија официјално го предложи филмот како годинашен македонски кандидат за
наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм што претставува уште едно признание дека визијата на Котевска ги надминува границите и
отвора ново поглавје во историјата на нашата кинематографија.

Како годинашен македонски кандидат за „Оскар“ во категоријата за најдобар интернационален филм, што за нас е навистина голема чест, „Приказната за Силјан“ веќе предизвика значајно внимание на светската сцена. Филмот беше вклучен на листата на најдобрите 15 светски остварувања според Indiewire и Hollywood reporter.

Иако на Венецискиот филмски фестивал беше прикажан во селекција Оut of Competition – програма во која секоја година учествуваат реномирани автори како Херцог и Софија Копола, чијашто цел е нивните филмови да ги пласираат на неколку А-категорија фестивали, сепак „Приказната на Силјан“ успеа да освои специјална награда.

– Уште како мала, National Geographic ми беше омилена литература. Статиите и приказните од National Geographic ме инспирираа да станам
документарист. Од тогаш сонувам да ги доживеам авантурите и предизвиците на фотографите и документаристите кои работат за оваа
компанија. И сега, кога истата таа компанија го купи мојот филм, тоа е остварување на најголемиот сон кој не мислев дека може да стане
реалност. За мене, тоа е најголема потврда дека филмот е веродостоен  дека неговата приказна е релевантна на светски рамки. Сето ова ни дава
надеж дека филмот ќе има уште поголем одек во следната фаза на оскаровската трка, но тоа истовремено нè задолжува да вложиме
сериозен труд и работа“ – изјави Тамара Котевска, режисерка и продуцентка на филмот.

„Приказната за Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17 век. Филмот ја следи судбината на земјоделецот Никола и неговата неочекувана врска со бел штрк со повредено крило – метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.

Светските медиуми едногласно го поздравија филмот:

Moderntimes Review напиша: „Преку метафорична резонанца и виртуозен филмски јазик, таа ја пренасочува болката што има историја во заеднички емоционален запис — и со тоа успева да оствари можеби уште поголем потенцијал.“

Hollywood Reporter напиша: „Апсолутен шармер… трогателен поглед на врската меѓу човек и птица“.

The Wrap напиша: „Некои од најзачудувачките визуелни поезии и импресивни фотографии од природата што некогаш ќе ги видите.“

Screen International напиша: „Извонредно и импресивно достигнување.“

IndieWire напиша: „Триумф. Болно прекрасен. Одличен документарец и заносно
поетско дело.“

Со овој успех, „Приказната за Силјан“ ја зацврстува својата позиција како едно од најзначајните македонски филмски остварувања, подготвено да ја
освои светската публика. Месеците што следат филмот ќе продолжи со фестивалски настапи и кампања за „Оскар“, а тоа ќе покаже дека приказната
допрва расте.

Зад филмот стои силен меѓународен тим:

Режисерка и продуцентка: Тамара Котевска
Кинематограф и продуцент: Jean Dakar
Продуценти: Anna Hashmi и Јорданчо Петковски
Продуцентски куќи: Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop, и
Филмоскопија
Монтажер: Мартин Иванов
Музика: Joe Wilson Davies и Hun Oukpark (Hans Zimmer Studio)
Тонска обработка: Александар Протиќ
Колор корекција: GHABHA Studios
Консултанти за наратив: Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz

Поврзани содржини