КОМПЛЕКСНА МИКРОХИРУРШКА ИНТЕРВЕНЦИЈА ИЗВРШЕНА НА НЕВРОХИРУРГИЈА Со употреба на контрастно средство се потврдува прекинот на крварењето

Иновативната метода претставува напредна техника која овозможува визуелизација на крвниот проток во реално време за време на операцијата.

108

На Универзитетска клиника за неврохирургија е извршена комплексна микрохируршка интервенција кај 57-годишен пациент со руптурирана аневризма на мозочен крвен сад.

– Станува збор за операција која за првпат во Македонија е изведена со примена на интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија. Оваа иновација е значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство. Примената на интраоперативната флуоресцентна видеоангиографија ја зголемува безбедноста на пациентите и ја подобрува ефикасноста на хируршките интервенции – рече министерот за здравство, Азир Алиу.






Оваа иновативна метода претставува напредна техника која овозможува визуелизација на крвниот проток во реално време за време на операцијата.

– Со примена на контрастно средство, хирурзите можат прецизно да ја проценат проодноста на крвните садови и да го потврдат целосното исклучување на аневризмата, што е клучно за успешен исход – појаснува д-р Благој Шунтов, специјалист по неврохирургија и раководител на тимот.

Хируршкиот тим се состои од: д-р Благој Шунтов, асистенти: д-р Мирко Мишел Мирчевски, д-р Влатко Атанасов, анестезиолошки тим: д-р Сања Ѓурчевска, д-р Радмила Панговска, медицинските сестри Ирена Стојанова, Гордана Мицковска, Даниела Делова, инструментарки: Маја Спировска, Наташа Мирчевска.

Операцијата поминала без компликации, а пациентот се опоравува без потешкотии. Примената на оваа напредна техника претставува значаен напредок во третманот на неврохируршки пациенти и потврдува посветеност на ЈЗУ УК за неврохирургија во примена на најновите медицински технологии.

Оваа иновација претставува значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство и потврдува посветеност на здравствените институции во примена на најновите медицински технологии, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

 

Поврзани содржини