Кој ја пали Македонија?

Ова прашање не е ново, но неговата актуелност расте со секој нов случај што ја разнишува довербата на граѓаните во системот. И додека се прашуваме дали станува збор за случајност или заговор, бројките зборуваат појасно од секој политичар.

508

Секоја нова трагедија во Македонија е како дежа-ву. Сцената е иста: пламен, чад, луѓе во паника, загадување на животната средина и истите прашања: Кој ја пали Македонија? Кој е одговорен за тоа што земјата повторно „гори“? Дали сме сведоци на несреќна комбинација од техничка неподготвеност и институционален колапс, или зад пламенот стојат намерни структури, домашни или странски со свои скриени мотиви?

Ова прашање не е ново, но неговата актуелност расте со секој нов случај што ја разнишува довербата на граѓаните во системот. И додека се прашуваме дали станува збор за случајност или заговор, бројките зборуваат појасно од секој политичар. Само ова лето, во јули, беа регистрирани десетици пожари: на 2 и 3 јули – 29 жаришта, на 20 јули – 27, на 28 јули – уште 15. Повеќето под контрола, но доволно е еден да излезе од раце за да видиме трагедија каква што сме виделе многупати. Ајде да ги разгледаме двете можни тези кои деновиве се вртат во јавноста.






Сценарио 1: Огнот како резултат на системска слабост

Најрационалното и најприземното објаснување е дека Македонија гори поради нашата сопствена неподготвеност и неодговорност. Повеќе трагедии низ годините укажуваат на ист шаблон: објекти преполни со луѓе, магацини или складишта со натрупани запаливи материјали, со малку или никакви вградени противпожарни системи, без видеонадзор, без дополнителни излези кои се блокирани или воопшто не постојат. Последниве случувања повторно потврдуваат дека државата била еродирана на сите нивоа, особено во однос на владеењето на правото како и почитување на законските безбедносни и други стандарди. Еродираниот систем е резултат на неодговорноста за бесрамната корупција и злоупотреби кои со години ја поткопуваат државата.

Инспекциите најчесто се формалност. Дозволи за работа се добиваат преку врски, пријателства или коруптивни практики. Понекогаш и онаму каде што на хартија има предвидени системи за заштита, во пракса тие се нефункционални или намерно исклучени за да се заштедат трошоци. Газдите штедат на безбедноста бидејќи знаат дека санкции речиси и да нема.

Во ваков амбиент, не е потребна никаква „надворешна рака“. Доволна е една искра од пиротехника или краток спој за да се претвори во катастрофа. Зад секоја ваква несреќа стои комбинација од небрежност, непочитување на законите и институционален колапс. Ова сценарио е можеби „помалку возбудливо“ од идејата за голем заговор, но токму тоа го прави поверојатно. Историјата на нашата држава е полна со примери на пропусти што чинеле човечки животи: од лошо одржувани болници и училишта, до сообраќајни трагедии поради нефункционални контроли. Пожарите не се исклучок, туку дел од истата болест. Дали навистина ни треба некој друг за да ни објасни зошто гориме?

Сценарио 2: Огнот како алатка за намерна дестабилизација

Покрај првото постои и второ објаснување она што ѝ дава драматична димензија на целата приказна. Може ли некој намерно да ја „пали“ Македонија? И ако да, зошто? Како е можно во рок помал од една недела да горат три депонии во Скопје како и магацин за рециклирање на електронски материјали во Трубарево?

Домашни мотиви: Прво треба да погледнеме внатре. Политичката сцена е тензична, а довербата во институциите никогаш пониска. За одредени политички групи или поединци, секоја трагедија е можност да ја покажат власта како неспособна и да ја насочат јавната лутина кон неа. Намерно предизвикан пожар во чувствителен објект би можел да создаде шок и да ја турне јавноста на улица. Освен овие политички мотиви, постојат и економско-финансиски. Праксата покажува дека криминални структури со бизнис интереси честопати ја потпотпалуваат конкуренцијата, да прикријат нелегални активности или да изнудат профит од осигурителните компании. Во земја каде што криминалот често оди рака под рака со политиката, ваквите сценарија и размисли воопшто не се фантастика.

Надворешни мотиви: На поширок план, Македонија е дел од регион каде што геополитиката е секогаш на маса. Странски во соработка со домашни актери би можеле да имаат интерес државата да биде нестабилна, несигурна и недоволно зрела за евроатлантски интеграции. Хибридните закани не се новост. Пожари, протести и кризи може да се користат како дел од стратегија за создавање хаос и недоверба. Ако граѓаните веруваат дека нивната држава не може да ги заштити, тогаш довербата во институциите се топи, а просторот за влијание на надворешни сили се шири.

Помеѓу двете тези:

Двете сценарија изгледаат различни, но можеби вистината е комбинација на двете. Слабите институции создаваат терен на кој секоја искра, било случајна или намерна, може да прерасне во трагедија. Таму каде што нема ред, секогаш ќе има некој што ќе знае како да ја искористи ситуацијата.

Затоа прашањето „Кој ја пали Македонија?“ има два одговора. Првиот, најнепријатен, е дека честопати ја палиме самите ние преку својата небрежност, молчење и практикување на минимални стандарди. Тоа се гледа во секојдневието: во нерегистрирани објекти што работат на диво, без никаква безбедноста и противпожарна заштита, во формално регистрирани објекти кои на хартија исполнуваат сè, а во реалноста се замки за луѓето што влегуваат во нив. Недостигот на обучен кадар ја засилува трагичната слика: луѓе без стручност ракуваат со електрични инсталации, со запаливи материјали или со пиротехника, како да играат со оган во мрачна просторија полна со бензин. А над сето тоа стојат корумпираните инспекциски служби, кои со еден потпис или со едно затворено око ги прогласуваат овие „бомби со одложено дејство“ за безбедни. Така, пламенот не избива само од дрво и кабли, туку и од нашата сопствена неказнивост, алчност и навика да се затвораат очи пред опасноста.

Вториот, уште поопасен, е дека тоа можат да го сторат и надворешни сили или домашни политичко-криминални групации кога ќе сфатат дека државата е премногу слаба за да се одбрани. Во мракот кој го создава институционалниот расцеп, секоја искра може да се претвори во инструмент: политички актери кои со намерна провокација бараат да го разгоруваат бесот на улиците, криминални кланови кои поставуваат пожари како перјаница за прикривање на поединечни операции, или организирани групи од интерес кои сметаат дека хаосот им носи повеќе поени отколку редот. Во такви раце, огнот не е само физичка моќ, туку порака, уцена и средство за манипулација, безредие и хаос. Едноставно кажано подметнувањето на пожари може да е дел од поширока стратегија да се поткопа довербата во институциите, да се нарушат економските текови или да се создаде политичка криза. Такви слични акции се забележани во Европа и светот каде странски служби подметнувале пожари или користеле друг вид саботажи за влијание врз политичките и економските процеси. Иако овие акции се различни од нашите пожари на депонии и објекти, тие се пример и показател дека странските служби во соработка со домашни актери често користат саботажи на големи инфраструктурни и стратешки цели како инструмент за остварување на геополитички цели.

Логичен заклучок: Одговорноста е нашата прва линија на одбрана. Наместо да бараме мистериозни виновници, треба да се соочиме со најочигледната вистина: пожарите најчесто се резултат на нашата неспособност, алчност, неодговорност и неказнивост. Но, ако ја оставиме државата кревка и нефункционална, тогаш секогаш ќе постои ризик некој намерно да ја искористи таа кревкост.

За пожарот во Трубарево и палењето на трите депонии од надлежните институции се погласно се укажува на можноста за дестабилизација. Таа можност не смее да се отфрли, но за да се донесат цврсти заклучоци се потребни конкретни докази. Дали е претерано да се помисли на ова? Не е. Балканот отсекогаш бил терен каде што интересите на големите се решавале преку хаосот на малите.

Македонија може да престане да „гори“ ако ја зајакнеме одвнатре: со силни и независни институции, со стручни и посветени инспекции, со ефикасни безбедносни и полициски служби и со граѓани што не ги затвораат очи и ушите пред опасноста. Тогаш секоја искра, било случајна или намерна, ќе биде изгасната, а пламенот на неодговорноста и хаосот ќе се замени со огнот на ред, сигурност и доверба. Владата има капацитет и може да покаже дека сите институции можат да функционираат превентивно, правично и одговорно. Прашањето Кој ја пали Македонија?“ веќе има одговор, останува само да се пронајдат и казнат сторителите.

Поврзани содржини