Психопатолошко дереџе
Како, и со кој образ, оној Филипче, како некаква јавна реакција за пожарот во фабрика за акумулатори во Трубарево и за потенцијалната опасност по здравјето на граѓаните, дрдори дека „Срамен е молкот на институциите, граѓаните во Трубарево да носат маски и да не излегуваат без потреба“. Но, зошто тој, во името на институцијата каде беше министер во времето на најголемите загадувања во Скопје, не го бараше истото? И како одеднаш тој повторува дека „Страшен е молкот и доцнењето во препораките, особено од здравствените власти“! Па нели и тој беше – врвна здравствена власт, ама тотално неспособна?
Кога неспособна багра ќе почне други да обвинува за неспособност, кога превејани и осведочени криминалци на цел глас викаат „држ’те го крадецот“, кога жабјиот хор на „пајтон интелегинцијата“ на најгласно ги пушта вувузелите во одбрана на политикантската мафија која сега глуми опозиција…, тогаш македонскиот домашен лавиринт сјае во вистинската светлина И не е воопшто потемен од оној евроинтегративниот, зашто го ѕидаат истите „мајстори на конструкцијата“, оние кои цели три децеии – закачени на ловориките на некогашниот СКМ (признавам, имав дилема дали да го пишувам со мали букви, ама сепак: беа подобри од наследнициве!) – се препелкаат во личната неукост префрлувана врз други, партиската коруптивност подметнувана како општа појава, како и остатоците од бандата некогашни „општествено-политички“ работници кои се секогаш прирака да ги одбранат газдите, без оглед на злосторството.
А конкретното злосторство, последно, се рецидивите од тоталната негрижа – да не кажам потежок збор! – на „прогресивните“ заевистички криминогени сили за Скопје, за неговиот воздух, за неговите граѓани, за градот како урбана целина…, сосе остатоците од она страотно „Скопје 2014“, чиешто нерешавање повторно сакаат да го сместат како кукавичко јајце во друго гнездо.
Но, за да не си играм и јас некаков будалест „квиз“ со недоветни прашања и малолетни одговори, ќе посочам само на една кратка ретроспективна фактографија односно на вестите објавувани во македонските медиуми апропо загаденоста на воздухот во главниот ни град низ годиниве. Колку да нема идни сомнежи, обвинувања и слични глупости. Се разбира, со тоа не правам ама баш никаков напор да ја амнестирам актуелната власт од нејзиниот (у)дел во состојбите со загаденоста на воздухот во Скопје, барем од јуни 2024 година. Или, за жал, од резилот што им го нанесува „нивната“ градоначалничка!
Па така, Канал 5, на 09 јануари 2020 година, објави наслов „Скопје денеска најзагаден град во светот“, и поднаслов „Скопје утрово се разбуди како најзагадениот град во светот“. Вакви наслови објавија и сите други медиуми. Посочениот Канал 5 информираше и дека „Единствен сојузник на граѓаните во битката за чист воздух и натаму останува ветерот“, при што беше најавено и дека „За следната недела во вторник поднесена е иницијатива од пратениците на ВМРО ДПМНЕ во собранието да се дебатира за информацијата за енормното загадувањето. Претходно и на седницата на советот за безбедност кај претседателот Пендаровски се дебатираше за оваа тема, но и од таму не произлегоа конкретни мерки“! Ако добро се сеќавам, но и податоците го потврдуваат тоа, „новопечената“ кандидатка за градоначалничка на Скопје Каја Шукова во тоа време беше државен секретар во Министерството за животна средина, каде претходно била и раководител на сектор за одржлив развој и инвестиции и советник во Одделението за подготовка на проекти во Секторот за одржлив развој. Па после стана дури и министерка!
Да нема дилеми, тоа е времето на „прогресивната“ коалиција сдсм-дуи, со „министерот“ Нуредини, а Венко Филипче беше министер за здравство!
Две години подоцна, на 06.01.2022 година, „Анадолу Ајанси“ објавува: „Скопје на врвот на листата на најзагадени градови во светот“, а „индексот на ПМ 10 штетните честички во воздухот во Скопје изнесува 194, со што градот се најде на првото место на најзагадени градови во светот, според „Ајкју ер“ (IQAir)“!
И повторно да нема дилеми: и тоа е времето на „прогресивната“ коалиција сдсм-дуи, со „госпожа“ Каја Шукова како државен секретар во Министерството за животна средина, а Филипче и понатаму беше министер за здравство.
На 25.12.2023 година, повторно во времето на „прогресивната“ коалиција, МКД објави дека „Скопје утрово најзагаден град во Македонија, а на 13. место во светот“, додавајќи дека „Маглата и непреземањето соодветни мерки утрово во 7.30 часот го искачија Скопје на прво место во Македонија според загаденоста на воздухот, а на 13-то место во светот.“ Во ова време „госпожата“ Шукова беше веќе цела година министерка за животна средина!
И понатаму, „Курир“ на 06. Февруари 2024, под наслов „Скопје утрово е најзагаден град во Европа“, објаснува дека „Специјализираната интернет страница за следење на квалитетот на воздухот во поголемите градови и главни градови во светот, „Ај-Кју Ер“ денеска го рангира Скопје на шесто место во свет според загаденоста на воздухот со индекс од 165, а прво место во Европа“. Каја Шукова уште беше министерка за животна средина во владата на најкриминалната коалиција во Македонија!
И сега, ова не е некаков идиотски квиз или (по европски) Q&A, туку чиста фактографија. Онаква каква што, во случајов, требаше да објават оние кои ни глумат некакви фактчекери, вистиномери и слични будалетинки. Ама не, тие кутрите се слепи за сѐ друго освен за нивната партиска вистина. Ама и прилично се глупави, нели?
И не само тие, зашто кога денес, апропо сериозните катастрофи со пожарите и особено депониите блиску Скопје, ги слушате оние од куќниот совет кои до вчера беа неприкосновена власт во Македонија како обвинуваат и подметнуваат, нештата стануваат многу појасни, нели? И повторно, апсолутно не мислам дека некој треба да биде амнестиран од вината за ова што му се случува на Скопје и неговите граѓани, но зошто не ја бараме вината на вистинското место? И како, одеднаш, виновниците стануваат – обвинители?
Или, како, и со кој образ, оној Филипче, како некаква јавна реакција за пожарот во фабрика за акумулатори во Трубарево и за потенцијалната опасност по здравјето на граѓаните, дрдори дека „Срамен е молкот на институциите, граѓаните во Трубарево да носат маски и да не излегуваат без потреба“. Но, зошто тој, во името на институцијата каде беше министер во времето на најголемите загадувања во Скопје, не го бараше истото? И како одеднаш тој повторува дека „Страшен е молкот и доцнењето во препораките, особено од здравствените власти“! Па нели и тој беше – врвна здравствена власт, ама тотално неспособна?
Или, замислете, една од потпретседателките на куќниот совет се провикнува дека „Нема оправдување за неспособноста! Доста е со глумење жртви и префрлање на одговорноста! Секоја власт е должна да ја заштити својата држава и своите граѓани (sic!)“! Па кој тоа говори за неспособност, за одговорност, за опрадувања… кога здравјето на граѓаните на Скопје беше најзагрозено токму во времето на нивното криминално владеење со државата? И кој овде навистина префрла одговорност ако во нивно време Скопје беше најзагаден град во светот?!
И сега, за и јас да не заличам на оваа политикантска мафија, ќе посочам на (нај)компетентниот субјект за овој проблем – US AQI сајтот – којшто за денот (14.09.2025) кога сите најодговорни, а особено бившата власт во хор со нејзините интелектулани трабанти, врескаа низ нивните медиуми, објави дека најзагадени градови во светот се Каиро, Џакарта, Киншаса, Ерусалим, Манама, Медан, Детроит, Тел Авив, Адис Абеба, Варшава… итн.
Скопје го немаше никаде односно не беше на тој список! Поточно, Македонија, како и регионот, па и Европа, беа во зелената зона на „добро“ односно „умерено“ загадување!(?).
И сега, ако граѓанинот може – иако не треба – да има разбирање за лупинзите и лагите на претставниците на политичките партии кои сега, предизборно, мислат дека ќе се исчистат од сите злосторнички гревови во блиското минато, како човек да ги разбере оние бивши „општествено-политички“ работници а сегашни клиенти на една криминално-корумпирана „партија“ кои покажуваат толку кратко паметење и ги обвинуваат сите други (и) за овие состојби освен – нивните газди?
И кој е овде министер(ка) за „мртва средина“, и каква „сила“ е потребна да ги извади на површина вистинските криминалци, и ние можеби навистина „се распаѓаме еден по еден“, во Скопје и Кочани, но заради нечии гревови и злосторства од блиското минато коишто оваа багра упорно сака да ги избрише не разбирајќи дека само се брише себеси? И точно е дека ваквите бивши „општествено-политички“ работници а тогашно-сегашни клиенти на една криминално-корумпирана „партија“ чекаа(т) оној бивш неписмен „премиер“ да им каже дека „воздухот во Скопје е чист, иако штипе за нос од смрдеа“ и заспиваа(т) и се будат во чад од запалени депонии, ама беа подготвени и да умрат за таа багра.
И токму тоа е вистинското „тешко психопатолошко дереџе“ до коешто се дојдени овие луѓе!