НА ФРАНЦИЈА Ѝ СЕ ЗАКАНУВА ГРЧКО СЦЕНАРИО Француската криза може да го загрози опстанокот на еврото

Економски гледано, сè се сведува на парите и на огромниот товар на францускиот долг, затоа што во апсолутни бројки, ниедна земја од ЕУ не е позадолжена од Франција, но политички е многу неизвесно дали и по евентуалното заминување на претседателот Емануел Макрон, Франција ќе може да се справи со хаосот што би следел, пишуваат европските медиуми.

1,137

Франција, со својот рекорден долг и растечки дефицит, станува најголем ризик за стабилноста на Еврозоната. Експертите предупредуваат дека кризата во Париз би можела да се прелее во целата ЕУ и да го доведе во прашање опстанокот на еврото, пишува Дојче веле.

Но, иако заминувањето на францускиот претседател Емануел Макрон би било политички земјотрес на европската дипломатска сцена, постојат растечки сомнежи дека тоа ќе ја реши блокадата што ја задушува Петтата република. Проблемите на Франција делуваат подлабоки, пишува Политико.






Неподносливиот долг на Франција

Непосредно пред Франсоа Бајру да го изгуби гласањето за доверба во парламентот во понеделникот (8 септември), премиерот во заминување предупреди дека фискалните проблеми би можеле да го загрозат „опстанокот“ на Франција, анализира Дојче веле.

– Имате моќ да ја соборите владата, но немате моќ да ја избришете реалноста – им рече Бајру на пратениците, додавајќи дека сегашната реалност на втората по големина економија во Европа е дека „веќе неподносливиот долг ќе се зголеми уште повеќе и ќе стане сè поскап“.

Долгогодишната политичка дилема на француските влади е дека секогаш кога предлагаат мерки за штедење или за економски реформи, партиите и од левицата и од десницата веднаш се креваат против тоа и ги мобилизираат своите поддржувачи. Синдикатите веќе закажаа генерален штрајк за денеска, 10 септември, два дена по гласањето за доверба на Владата.

Најзадолжената држава во Европа

Економски гледано, сè се сведува на парите и на огромниот товар на францускиот долг. Во апсолутни бројки, ниедна земја од ЕУ не е позадолжена од Франција. Националниот долг се зголеми на околу 3,35 трилиони евра – околу 113 проценти од бруто домашниот производ (БДП) и се очекува да порасне на 125 проценти до 2030 година.

Односот на францускиот долг кон БДП е толку висок што во Европската Унија го надминуваат само Грција и Италија. Со буџетски дефицит од 5,4 до 5,8 проценти оваа година, Париз има и најголем буџетски дефицит од сите 27 членки на ЕУ.

За да се исполни целта на ЕУ за намалување на дефицитот на 3 проценти, драстичните мерки за штедење се неизбежни. Меѓутоа, бидејќи намалувањата на трошоците во моментов се политички неизводливи, финансиските пазари реагираа со зголемување на каматните стапки на француските обврзници. Додека каматната стапка на германските обврзници е околу 2,7 проценти, француската влада мора да плаќа камата од речиси 3,5 проценти за својот долг.

Нестабилна еврозона

Значи, дали треба да се грижиме за стабилноста на еврото, ако финансиите на втората најголема економија во еврозоната излезат од контрола, се прашува Дојче веле?

– Да, треба да се грижиме. Еврозоната во моментов не е стабилна – вели Фридрих Хајнеман, економист во Центарот Лајбниц за европски економски истражувања во Манхајм.

Тој додава дека „не е загрижен“ за можна краткорочна долговна криза во наредните месеци.

– Но, мора да се запрашаме каде води сето тоа, ако голема земја како Франција, која во последните години бележи постојан пораст на односот долг-БДП, сега се соочува и со политичка дестабилизација – вели тој.

Франција троши 67 милијарди евра годишно само за камати

Другите големи економии исто така натрупуваат рекордно високи долгови и треба да соберат милијарди на пазарите на капитал. На пример, оваа есен, Германија, Јапонија и САД ќе мора да издадат нови државни обврзници, за да ги финансираат своите трошоци – една од клучните причини зошто глобалните пазари на обврзници остануваат под притисок.

– Единствената причина зошто пазарите не се понервозни – односно зошто каматните стапки на француските обврзници не растат повеќе – е надежта дека Европската централна банка (ЕЦБ) ќе интервенира и ќе купи француски обврзници, за да го смири пазарот. Но, таа надеж може да биде илузорна, бидејќи ЕЦБ мора да внимава да не го загрози сопствениот кредибилитет – наведува Хајнеман..

Франција троши 67 милијарди евра годишно само за камати. Во исто време, таа е под притисок затоа што се обврза постепено да го намалува дефицитот, во согласност со правилата на ЕУ.

Улогата на Европската Комисија во создавањето хаос

Но, дел од одговорноста, според Хајнеман, лежи кај Европската Комисија, бидејќи таа „помогна да се создаде овој хаос“.

– Тие замижуваа на едното, дури и на двете очи кога стануваше збор за Франција. Ова беа политички компромиси, водени од стравот од зајакнување на популистите – рече тој, додавајќи дека „Франција веќе го искористи поголемиот дел од својот фискален простор. Германија е во многу подобра позиција, со доволно простор за маневрирање“.

Според Хајнеман, Франција, како и Германија, итно има потреба од големи реформи на социјалниот систем и намалување на владините трошоци. Алтернативата би била повисоки даноци – во земја која веќе има огромен даночен товар и врз граѓаните и врз економијата.

Затоа Хајнеман е скептичен дека француската политика може да постигне консензус меѓу партиите за намалување на долгот.

– Со оглед на тоа што популистите од левицата и од десницата стануваат посилни, не го гледам тоа можно. Центарот се стеснува. Затоа сум песимист кога станува збор за Франција и не гледам решение – вели тој.

Ризикот од ширење на кризата

За Ендру Канингем, главен европски економист во „Капитал економикс“, ризиците за другите европски пазари засега остануваат подносливи.

– Засега, проблемите се чини дека се во голема мера ограничени на Франција, сè додека обемот на францускиот проблем не стане преголем – напиша тој во белешка до клиентите.

Но, тој предупредува на сценарија во кои француската криза би можела значително да се продлабочи, зголемувајќи го ризикот од нејзино ширење.

– На крајот на краиштата, Франција е втора најголема економија во Еврозоната, со длабоки трговски и финансиски врски со своите соседи, а исто така е и водечка политичка сила во ЕУ – потсетува Канингем, додавајќи дека кризата во Франција би можела да ја доведе во прашање самата одржливост на европскиот проект.

– Не очекуваме криза од таков обем во следната година или две. Но, ако се случи, ризикот од зараза би станал многу посериозен – и тоа би било нешто со кое ЕЦБ би морала да се справи – рече тој.

Лош тајминг за политичка криза

Француската криза доаѓа во време кога ЕУ е во конфликт со САД околу трговската политика, вклучително и повисоките даноци за американските технолошки гиганти – предложени од Франција.

Ова е многу неповолно време за ЕУ ​​да дејствува ослабена од политичкиот ќорсокак во својата втора најголема економија.

Според Хајнеман, многу политички актери во Франција размислуваат слично на американскиот претседател Доналд Трамп, особено лево и десно од политичкиот спектар.

– Тие би можеле да го зголемат притисокот врз Европската комисија да возврати на тарифите на Трамп со европски тарифи, што би го зголемило ризикот од вистинска трговска војна и дополнително би ја влошило должничката криза во земјата – предупредува економистот.

И да замине Макрон, наследникот го чекаат истите проблеми

Бриселскиот медиум Политико анализира дека Макрон веќе го бара својот петти премиер за помалку од 2 години, но, дали новиот премиер, кој би го предложил Макрон, би можел да ги протурка кастрењата од милијарди евра што ѝ се потребни на земјата за да избегне должничка криза? И дали новите предвремени избори би создале стабилно мнозинство? Ниту едното не изгледа веројатно. И дури и ако Макрон поднесе оставка, неговиот наследник речиси сигурно би се соочил со истите пречки.

Се заканува должничка криза

Речиси 70 години, институциите на Петтата република се спротивставуваа, без оглед на штрајковите и масовните протести. Претседателите генерално траеја до крајот на својот мандат, иако помалку популарни отколку на почетокот. Системот опстојуваше.

Меѓутоа, денес парламентот е во ќорсокак, преговорите за буџетот се во застој, а шепотот за социјални немири стануваат сè погласни. Финансиските пазари се нервозни, а самиот Бајро предупредува дека Париз би можел да заврши во грчко сценарио, ако потрошувачката не се контролира.

Наспроти ова, лидерот на екстремно десничарското Национално собрание, Жордан Бардела, и екстремно левичарскиот Жан Лук Меланшон, чии партии заедно држат една третина од местата во Националното собрание, отворено бараат претседателот да замине.

„Го слушаме тоа дури и од луѓе блиски до кампот на Макрон“

Муабетот за неговото заминување повеќе не е бизарна идеја – се вклучуваат истакнати политички коментатори и поединци од десниот центар.

– Го слушаме тоа дури и од луѓе блиски до кампот на Макрон. Непријатноста е реална – рече Матие Галард, анкетар од Ипсос Франција.

Сепак, Макрон речиси сигурно нема да се предаде, особено затоа што неговото предвремено заминување – претседателските избори не се закажани до 2027 година – би решило малку.

Анкетите покажуваат дека новите парламентарни избори веројатно повторно би донеле поделен парламент, со неколку места повеќе за крајно десничарскиот Национален собир на Марин ле Пен.

„Не сум видел толку неизвесност од 1968 година“

– Политичарите погрешно веруваат во митот дека Французите избираат лидер, а потоа му даваат работно мнозинство во парламентот – вели францускиот уставен експерт Бенџамин Морел.

Тој мит, вели тој, го сруши Макрон кога победи во 2017 година како либерален „нарушувач на системот“ и ја прекина двопартиската традиција на Франција. Пукнатините што беа создадени тогаш го прогонуваат сега.

– Не сум видел толку неизвесност од 1968 година – вели Ерик Шејн, поранешен главен економист во осигурителната компанија AXA, осврнувајќи се на студентските протести и штрајкови од мај 1968 година кои ја парализираа земјата.

– Одеднаш не знаете што се случува со вашата економија, вашата влада – рече тој.

Макрон, познат по својата тврдоглавост, често ја отфрла можноста за предвремено заминување. Тој доминира во француската политика 8 години, станувајќи поларизирачка фигура, додека неговите ветувања да ја направи земјата „стартап нација“ не се исполнети, пишува Политико.

Тој многу добро знае дека нема знаци дека француските политичари се подготвени да ги остават настрана поделбите и да ја решат буџетската криза во интерес на нацијата.

Ситуацијата само ќе се влоши

– Ќе продолжиме да го продлабочуваме дефицитот, ништо нема да се случи и ситуацијата само ќе се влоши“, вели Гаспар Ганцер – поранешен советник на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд.

Но, опозицијата ќе погреши ако мисли дека може да го избегне горчливиот лек на штедењето со промена на премиерот, нови избори или дури и со предвремени претседателски избори, предупредува Шејн.

– Ако луѓето почнат да мислат дека не е страшно и дека можеме да живееме со дефицит, се упатуваме кон целосна криза. Германија ќе почне да мисли дека Франција е сериозен проблем и дека Европската централна банка нема да може да ѝ помогне на француската влада да го управува својот долг – вели тој.

Според него, Германија би можела да постави услови за каква било помош од ЕЦБ.

Но, дури и ако Берлин го примени притисокот, прашањето е дали Франција ќе го следи тоа. Ако се земат предвид протестите на „жолтите елеци“ од 2018 и 2019 година, протестите против пензиската реформа во 2023 година и сегашните повици за генерален штрајк, јасно е дека француската јавност нема волја за ослободување од одговорност и за мерки за штедење.

Кога станува збор за отстранување на Макрон, Франција, со својата историја на револуционерни атентати на кралеви, добро ја разбира и привлечноста и опасностите од „обезглавувањето“. Лесно е да се побара негово заминување – но Франција мора да биде задоволна и со хаосот што би следел, заклучува Политико.

Поврзани содржини