ПУТИН ГИ ОТФРЛИ МОЖНОСТИТЕ ЗА МИР? Еве зошто е невозможен мировен договор со Украина

Путин испрати и строго предупредување до западните сојузници дека сите странски трупи на украинска почва, вклучително и оние од НАТО-Алијансата, ќе се сметаат за „легитимни цели за уништување“.

1,775

Рускиот претседател Владимир Путин го опиша мировниот договор за прекин на војната во Украина како „практично невозможен“, изразувајќи сомнежи за политичката волја на Киев. Зборувајќи на Источниот економски форум во Владивосток, Путин рече дека „не гледа многу смисла“ во директна средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Путин го објасни својот песимизам со, како што рече, технички и правни тешкотии од украинската страна. Рече дека украинскиот устав бара одржување референдум за какви било територијални договори, што е невозможно да се спроведе додека земјата е во воена состојба.






– Доколку се укине воената состојба, претседателските избори мора да се одржат веднаш. По референдумот, ако воопшто се одржи, во зависност од резултатите, потребно е одобрение од Уставниот суд – објасни Путин, додавајќи дека судот во моментов не е функционален поради политичката криза.

Поради сето ова, тој го смета процесот за бесконечен и за безнадежен, иако повтори дека вратата за состанокот е отворена – но, само во главниот град на Русија, услов што Киев веќе го отфрли.

Оваа изјава на Путин доаѓа во време на зголемен дипломатски притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој инсистира да се најде итно решение за војната.

Заедно со дискусијата за мировниот договор, Путин испрати и строго предупредување до западните сојузници. Тој изјави дека сите странски трупи на украинска почва, вклучително и оние од НАТО-Алијансата, ќе се сметаат за „легитимни цели за уништување“.

Заканата доаѓа во време кога Франција, Велика Британија и другите членки на НАТО размислуваат да испратат трупи во Украина како дел од безбедносните гаранции по евентуалниот мир.

Трамп, кој се сретна со Путин во Алјаска на 15 август, почна да губи трпение и го зголемува притисокот. Тој деновиве ѝ се закани на Русија со нови казнени санкции и секундарни царини доколку наскоро не се согласи на мир. На прашањето за последиците доколку средбата меѓу Путин и Зеленски не се одржи, Трамп рече:

– Да, ќе има. Ќе видиме што ќе се случи. Сакам да видам како ова завршува.

Зеленски пак, смета дека Путин се преправа дека сака мир и преговори.

Поврзани содржини