„УКРАИНА МОРА ДА БИДЕ НЕУТРАЛНА И НЕНУКЛЕАРНА“ Лавров очекува продолжување на преговорите
За мирот да биде одржлив, новите територијални реалности мора да се признаат и формализираат во меѓународно-правна смисла - рече Лавров во интервју за индонезискиот весник „Компас“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Москва очекува продолжување на преговорите меѓу Русија и Украина, но оти мора да се признаат „новите територијални реалности“ и да се формираат нови системи на безбедносни гаранции.
– За мирот да биде одржлив, новите територијални реалности мора да се признаат и формализираат во меѓународно-правна смисла – рече Лавров во интервју за индонезискиот весник „Компас“.
Во врска со постојаното противење на Москва за приклучувањето на Украина во НАТО, Лавров изјави дека „на Украина треба да ѝ се гарантира неутрален, неврзан и ненуклеарен статус“.
Украина возвраќа дека не е на Русија да одлучува кон што Киев може или не може да се приклучи, додека НАТО нагласува дека Русија не може да има право на вето за членството во алијансата основана во 1949 година со цел да ѝ се спротивстави на заканата од Советскиот Сојуз.
Лавров изјави дека шефовите на руската и украинската делегација биле во директен контакт и оти очекува преговорите да продолжат.