Колку реалности има во Македонија?
Зошто никој од овие душегрижници за македонскиот граѓанин не говори за веќе јавната трансформација на МАНУ во битпазарска тезга за тргување со членство или тогаш би морале да се спомнат и имињата на некои „важни“ поединци залегнати во сите одлучувачки сегменти во државава? И ќе мора да се постави и прашањето – до кога? Или не мора?
Полни триесет години, ако не и подолго, македонскиот граѓанин е „развлечен“ помеѓу (најмалку) неколку „реалности“, секоја безмалку целосно спротивставена на другите, некогаш и без ниту една допирна точка меѓусебе. Тие „реалности“ – да не речам вистини, односно попрво „вистини“ – се движат по трансферзалите на јавното и личното, општото и партиското, објективното и субјективното…, но најчесто по линијата на познатиот разговор на глуви во којшто мислењето на „противникот“, а уште помалку секојдневието, игра најмала улога. Притоа, тој и таков „разговор“ е поттикнуван дури и од дел од медиумите, особено оние со т.н. национален предзнак (што и да значи таа глупост!), целосно заборавајќи ја нивната основна улога во општеството. Ставен на таква „фабричка лента“ на контроверзни и спротивставени „погледи“ на реалноста, збунетоста на граѓанинот автоматски го втерува во трлото на определување за или против партиските „вистини“ и нејзините промотори.
Постмодерните теории – на пример за флуидноста и постојаната менливост на светот, за тоа дека ниту една изјава за реалноста не може да биде дефинитивна односно зависи од тоа кој ја кажува итн. – во едно општество коешто некогаш не изгледа дури ни модерно а камоли постмодерно, само им одат на рака на кочоперниот дел на македонската „интелектуална“ јавност, онаа со задача (лична и/или клиентелистичка) да подметнува нови и нови „вистини“ и „реалности“, да посочува на горливи еднострани „проблеми“ во ионака веќе многу проблематизираниот македонски универзум.
Секако, на крај памет не ми е да се залагам за некаква информбировска униформност на мислата, на една зададена за секогаш вистина, но ова на што е подложен македонскиот граѓанин е пеколна комбинација на лаги, извртени вистини, манипулации и подметнувања, агитации и пропаганди…
Кога за темел ќе се земе реконструираната постмодерна теза дека не постои единствена вистина за ништо, тогаш оној умислен односно самопрогласен македонски интелектуален „крем“ којшто мене отсекогаш ми личеше на „пајтон интелигенција“ закачена врз грбот на „прогресивните“ криминогени структури во државава, си го присвојува правото на нивна реалност и избор на „свои“ теми/вистини за комуникација со јавноста и со македонскиот граѓанин. Инаку, зошто во оваа предизборно политички зовриена атмосфера, некој на македонскиот граѓанин пелтечејќи би му наметнувал дилетантски „тези“ за развојот на ситуацијата во Србија, или би го клукал со „расправи“ од што се плашат некакви (криминални, како и нашиве) структури во Албанија… итн.? И што имаме ние заедничко со нив? Односно, можеби некои од дувлото на онаа овдешна мафијашка екс-коалиција имаат, ама „обичниот“ граѓанин? Зошто него тоа би го интересирало? Или, на пример, зарем не го интересира од што се плаши токму локалнава политикантска мафија од бившиот режим, па следствено некој да му го појасни тоа прашање?
Или зошто, на пример, наместо за скандалон во МАНУ, ние би читале за некакви „реалисти и идеалисти“ и нивното влијание врз „сенишните невени“, или за некаква „мастодонтска армија на чиновници“ којашто некој ќе посака онака „милозвучно“ да ја подметне како падната од Марс сега и овде токму последнава година? Претходно – ја немаше? Впрочем, никој не говори ни за тоа кој, и зошто, ги подбуцнува оние трагични фигури во Кочани, ги манипулира во нивната тага и ги наведува да патролираат низ градот и да бараат виновници кои само тие „ги знаат“? И што е проблемот да се сочека закажаниот судски процес? Или треба да се подгрева атмосферата на несигурност, нечија неспособност, калкулирање со вината и др.?
Зошто никој од овие душегрижници за македонскиот граѓанин не говори за веќе јавната трансформација на МАНУ во битпазарска тезга за тргување со членство или тогаш би морале да се спомнат и имињата на некои „важни“ поединци залегнати во сите одлучувачки сегменти во државава? И ќе мора да се постави и прашањето – до кога? Или не мора? А и зошто би говореле кога можат така „елегантно“ да одмолчат, а некој упорно јавно да им ги обзнанува глупостите што ги смислиле само за да ја создадат онаа друга слика и да ни ја претстават како актуелна реалност?
Ама дури и да е така, да има мноштво реалности и вистини, зарем едната од нив не би била токму – МАНУ? Којашто со години на ред, како што вели еден професор, е мешетар, „ќутолог“, пријателство и кумство од интерес и брак од полза? И која и каква е, но и зошто е, оваа трансформација од времето на еден Коцарев до ова денес? Кому сето ова му оди во прилог, кој за кого работи, или не работи, и зошто, и зарем навистина цела држава е веќе трансформирана во битпазарска тезга? И за тоа ли денес треба да се молчи и да се отвораат будалести теми од типот на „ситуацијата во Србија“, во Албанија, во САД…?
Да, се разбира, сето тоа има соодветно влијание и врз состојбите во Македонија, но не баш така резолутно, судбински. Или, ако веќе говориме за влијанија, нема ли за нас никакво значење собирот во Шангај (ШОС) или претстојната прослава „Парада на победата“ во Пекинг, па никој за тоа не пишува? А впрочем, ако кај нас, во одредени „професорски“ кругови, после цели три години допира од задникот до главата фактот дека „специјалната операција“ во Украина се должи на блефовите на НАТО, САД и еу (малите букви се…) и нивните неисполнети ветувања, ако дури денес некои шушумиги се будат за состојбите во Газа и гнасната ролја на Израел како демонстратор на „конечното решение #2“, тогаш каде сме ние? Зашто ние, се разбира, не можеме да бидеме дел од светот ако не го познаваме, следиме и се прилагодуваме, но ако ние дома немаме конзистентна визија кој е кој и што е што, односно ако токму на тој план мешетарат секакви интереси и нивни „промотори“, тогаш ние имаме сериозен проблем. Или – така и треба да биде?
Но, ајде сите тие нивни глупости да ги подведеме дури и под „платената функција“ што ја вршат, меѓутоа зарем никого од нив навистина не ги интересира зошто, на пример, Бујар Османи, како министер за надворешни работи на Македонија, во време на неговиот мандат се среќавал со криминалецон во Будимпешта? И не гледаат ли во тоа ужасна деградација и на функцијата но и на целата тогашна Влада на државата? Или сериозно ќе го прифатат „објаснувањето“ дека „средбите на министрите за надворешни работи се класифицирани средби и по закон не можат да се откријат“? Па извинете, дотаму ли се стасани?! И како само албанските медиуми урлаат од смеење, ама „опозициските“ македонски одбраа – да молчат?! И за нив „главна вест“ да биде излегувањето на Партијата на пензионерите од колицијата со ВМРО-ДПМНЕ?
А сега, стамено ќе се одмолчува и скандалот со прислушкувањата во АНБ, ќе се – како што велат од „куќниот совет“ – чека односно ќе се воздржат од коментари „додека надлежните истражни органи не утврдат фактичка состојба“, па за да се затскрие нивната комплетна неспособност ќе се нудат некакви „червени“ (Героски) линии за да краткотрајно се замачкаат очите на јавноста итн., итн.
Се разбира, во целата оваа „игра на реалности“ како македонска „Игра на тронови“, по правило главен губитник е граѓанинот, сѐ уште вглавен во соцреалистичката стапица на „партии“, неформални групации и одделни „вечни“ ликови од минатото. Токму затоа и јавниот простор е континуирано загадуван со бесмислици, лажни теории и „постмодерни“ вистини и реалности, со цел наметнување страв и несигурност и одржување на континуитетот. И тоа загадување не е присутно само во политичката битка во и вон институциите на системот на планот на состојбите во државата, надворешната и внатрешната политика, можните развојни правци и слично.
Нашата „специфика“ – а ние секогаш и во сѐ имаме „специфики“ – е загрижениот соцреалистички политикантски блок и нивниот обид да го задржат тронот во „играта на реалности“ преку онаа „логистичка поддршка“ на политички слепата „интелектуална опозиција“, особено во медиумите. И тука, се разбира, предводник е веќе иритантната „пајтон интелигенција“ – перјаницата на соцреалистичкиот смут во земјава со нејзиниот лажен идеолошки патос и наметнувањето на наводно прогресивен дискурс. Тие едноставно како да не можат да видат дека единствената нивна реалност е фактот дека сдсм (малите букви се…) одамна е практично мртва, дека е модел на анахрона секта со замаглен европски светоглед скршен во парампарче.
Извор: Теодосиевски уметност