АМЕРИКАНЦИТЕ СПРОВЕДУВААТ ТАЈНИ ОПЕРАЦИИ ВО ГРЕНЛАНД?! Данска го повика врвниот американски дипломат во Копенхаген на разговор

Данската јавна радиодифузна корпорација, повикувајќи се на извори, извести дека целта на американските државјани била да се инфилтрираат во гренландското општество и да го промовираат неговото отцепување од Данска и приклучување кон САД, иако не било јасно за кого работеле тие луѓе.

2,618

Данскиот министер за надворешни работи го повикал врвниот американски дипломат во Копенхаген, откако беше објавено дека американски државјани спроведувале тајни операции во Гренланд, објави Би-Би-Си.

Данската јавна радиодифузна корпорација, повикувајќи се на извори, извести дека целта на американските државјани била да се инфилтрираат во гренландското општество и да го промовираат неговото отцепување од Данска и приклучување кон САД, иако не било јасно за кого работеле тие луѓе.






Данската разузнавачка служба предупреди дека Гренланд е мета на „разни видови кампањи за влијание“.

Министерот за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави дека „секој обид за мешање во внатрешните работи на Кралството Данска ќе биде, секако, неприфатлив“, и дека врз таа основа бил повикан американскиот отправник на работи.

Би-Би-Си побара коментар од амбасадата на САД и од Стејт департментот.

 

Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати изјави дека сака да го анектира Гренланд, полуавтономен дел од Кралството Данска, а потпретседателот Џеј Ди Венс го обвини Копенхаген дека недоволно инвестира во таа територија.

При неодамнешната посета на Гренланд, данската премиерка Мете Фредериксен ги предупреди САД дека не можат да анектираат друга држава.

Данска е свесна дека странските актери се заинтересирани за Гренланд

Министерот Расмусен во изјава за Би-Би-Си нагласи дека данската влада е „свесна дека странски актери и натаму покажуваат интерес за Гренланд и за неговата позиција во Кралството Данска“.

– Затоа не е изненадувачки ако во иднина доживееме надворешни обиди да влијаат врз иднината на Кралството – додаде тој.

Данска е членка на НАТО и на ЕУ и долго ги сметала САД за еден од своите најблиски сојузници. Данците се шокирани од решителноста на Трамп да ја контролира полуавтономната територија. Претседателот на САД годинава изјави дека не исклучува можност да ја заземе со сила.

Зошто Трамп го сака Гренланд и што мислат жителите?

Данската разузнавачка и безбедносна служба оцени дека кампањите за влијание имаат цел да „создадат раздор во односите меѓу Данска и Гренланд“.

Ова би можело да се прави со искористување на „постоечки или измислени несогласувања“, било преку „традиционални, физички агенти на влијание или преку дезинформации“, се наведува.

Службата соопшти дека ги зајакнала своето присуство во Гренланд и соработката со тамошните власти.

САД моментално немаат амбасадор во Копенхаген, па затоа Расмусен го повикал Марк Стро, кој е највисокиот дипломат во данската престолнина.

Расмусен веќе еднаш годинава го повикал американскиот дипломат поради друг извештај, во мај, според кој американските разузнавачки агенции биле насочени кон Гренланд.

Извештајот во средата откри детали за посета на еден Американец во главниот град Нук, каде што тој наводно составувал список на Гренланѓани кои ја поддржуваат идејата за американско преземање на островот. Целта била тие да се регрутираат за сепаратистичко движење.

Претходниот извештај на „Волстрит Џурнал“ од мај, исто така, спомена собирање информации за движењето за независност на Гренланд, како и за ставовите кон американската експлоатација на минерали.

Тогаш, директорката на Националното разузнавање на САД, Талси Габард, не го демантираше извештајот, но го обвини весникот дека „го крши законот и ги поткопува безбедноста и демократијата на нашата нација“.

Гренланд има сложен однос со Данска. Иако има широка самоуправа од 1979 година, надворешната и одбранбената политика се решаваат во Копенхаген.

Иако повеќето политички партии се за независност, тие се разликуваат околу тоа колку брзо треба да се движи процесот. Гренландците од 2009 година имаат право на референдум, но анкетите покажуваат дека огромното мнозинство не сака да стане дел од САД.

Дипломатска жолта карта

Одлуката на министерот за надворешни работи да го повика американскиот дипломат претставува „дипломатска жолта карта“ без преседан во односите меѓу Данска и САД, смета Јенс Ладефогед Мортенсен од Универзитетот во Копенхаген.

– Овој непријателски став на администрацијата на Трамп кон Данска е шокантен. Како проамериканска земја се прашуваме зошто го правите ова – изјави тој за Би-Би-Си.

Една од најголемите дански компании веќе се најде на удар на американската влада, поради наредба да се стопира изградбата на голем ветерен парк крај брегот на Род Ајленд.

Проектот „Револушн винд“, кој веќе е 80% завршен, го води данската мултинационална компанија „Орстед“, која е во 50,1% државна сопственост.

Ова е последната иницијатива за ветерна енергија што ја нападна претседателот Доналд Трамп, кој минатата недела изјави:

– Ние нема да правиме ветар.

Акциите на „Орстед“ паднаа за 16% во понеделникот поради наредбата за стопирање на работите, иако потоа делумно се закрепнаа.

Компанијата соопшти дека веќе поставила 45 од вкупно 65 турбини за проектот кој треба да обезбеди струја за 350.000 домаќинства.

Поврзани содржини