ДОСЕГА СЕДУММИНА КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПЈЕ Шестмина се партиски, еден е независен
До крајниот ро за пријавување во ДИК, 13 септември, се очекуваат уште кандидатури, пред сè од независни граѓански иницијативи, затоа што според упатството на Државната изборна комисија (ДИК), кандидатура за градоначалник и советника листа може да се поднесе со собрани два потписи од граѓани.
Кој ќе ја освои „црешата на тортата“ на претстојните локални избори – градоначалничката функција во Град Скопје? Досега има шест официјално номинирани кандидати – шестмина од политичките партии и еден независен кандидат. Се очекуваат уште кандидатури, пред сè од независни граѓански иницијативи, затоа што според упатството на Државната изборна комисија (ДИК), кандидатура за градоначалник и советника листа може да се поднесе со собрани два потписи од граѓани.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за градски татко на Скопје го номинираше актуелниот градоначалник на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Опозицискиот СДСМ ја кандидираше потпретседателката на партијата Каја Шукова, која е поранешна министерка за животна средина и просторно планирање.
Опозициската Левица „ќе се трка“ со кандидатот Амар Мециновиќ, кој е пратеник во Собранието.
Коалицискиот партнер во Владата, коалицијата на партии на Албанците – Вреди, за градоначалник на Скопје го кандидираше Башким Бакиу, кој во моментов ја извршува функцијата директор на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопје.
Опозициската коалиција на албанските партии, Европски фронт, пак, во Скопје ќе настапи со Скендер Реџепи Зејд, кој е пратеник во Собранието и лидер на партијата Народното движење.
Најнова е кандидатурата на професорот Горан Марковски, декан на Градежниот факултет при УКИМ, која е поддржана од граѓанската платформа „Независни заедно“, во која се обединети граѓански иницијативи од три скопски општини – „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.
Кандидатурата ја потврди за медиумите и Александар Рашковиќ, професор по дизајн на Европскиот универзитет, кој ќе настапи како независен кандидат поддржан од партијата ТМРО.
Освен овие седум кандидати, до крајниот рок за поднесување на кандидатурите се очекуваат уште номинации. Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ најави дека ќе има своја кандидатка за Град Скопје, но во последен момент ја откажа промоцијата, затоа што кандидатката се откажала поради здравствени причини. Не е познато која беше кандидатката и не е познато дали оваа иницијатива ќе номинира друг кандидат.
Крајниот рок за поднесување на листите на кандидати, според роковникот на ДИК е 13 септември на полноќ.
Првиот круг од локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, во ден недела, во кој ќе се изберат членовите на локалните совети, како и градоначалниците кои ќе го освојат потребното мнозинство.
Во вториот круг, кој ќе се одржи на 2 ноември, ќе се бираат градоначалници во оние општините каде ќе нема победник во првиот круг.
За победа во првиот круг од локалните избори потребно е најмалку една третина од регистрираните гласачи да излезат на гласање во конкретната општина и еден од кандидатите да освои мнозинство гласови.
Според Изборниот законик победник е оној кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите што излегле на гласање, но излезноста е најмалку една третина од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг не излезат една третина од вкупниот број гласачи, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина.
Ако ниту еден од кандидатите нема мнозинство гласови, тогаш вториот круг се одржува во рок од 14 дена, а учествуваат двајцата кандидати кои имале најмногу гласови во првиот круг. Победник е кандидатот што освоил повеќе гласови.
Изборот на советници се затвора во првиот круг, а нивната распореденост се пресметува според Донтоновата формула.