ПРЕДЛОЖЕН ПРИТВОР ЗА НАСИЛНИОТ РОДИТЕЛ Татко со тупаници и клоци претепа двајца млади фудбалери
Обвинителството бара притвор за татко кој претепа двајца млади фудбалери на натпревар во Штип, откако судијата го исклучи неговиот син од игра.
Основното јавно обвинителство Штип поднесе предлог за определување мерка притвор против едно лице осомничено за кривично дело „Насилство“ по член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Како што информираат од обвинителството, настанот се случил на 24 август на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, за време на младински натпревар меѓу екипите на „Брегалница“ и „Шкупи“.
„Осомничениот со грубо насилство ја загрози сигурноста на две деца – играчи родени 2010 година од тимот на ‘Беласица’, нанесувајќи им телесни повреди. Притоа, предизвика чувство на несигурност и страв и кај останатата публика“, соопштија од Обвинителството.
Инцидентот започнал во 89-тата минута, кога поради втор жолт картон бил исклучен синот на осомничениот, кој играл за „Шкупи“. Незадоволен од одлуката, младиот фудбалер се обидел физички да се пресмета со противнички играч. Во тој момент на теренот влетал неговиот татко и со тупаници и клоци започнал да ги удира двете деца, нанесувајќи им повеќе набиеници и скршеница на нос без дислокација. Ескалацијата била спречена од други лица од публиката.
Обвинителството истакнува дека предлогот за притвор е поднесен поради сериозноста на делото, опасноста од бегство на осомничениот и ризикот од повторување на насилството.
https://plusinfo.mk/category/bs-sport/