ПОБЕДНИКОТ Е ЈАСЕН, ТОА Е МНОЗИНСТВОТО Мицкоски ги најави очекувањата за локалните, наскоро и нови имиња на кандидати
Премиерот Мицкоски уверува дека Владата останува стабилна и насочена кон реформи, додека ДУИ од опозиција се обидува да изврши притисок за враќање во власта.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека ВМРО-ДПМНЕ во многу скоро време ќе ги објави имињата на кандидатите за градоначалници во општините каде што се правеа дополнителни мерења и анализи. Тој ова го соопшти при увид на градежните работи во фабриката „Анфенол“ во Кочани.
– Јасен е победникот на овие локални избори, а тоа е владиното мнозинство – истакна Мицкоски, додавајќи дека Владата останува на курсот на стабилност, реформи и чесна работа.
Во однос на независните кандидатури за локалните избори, премиерот изјави дека Владата направила сè за да обезбеди услови сите страни да бидат задоволни.
– Не знам што повеќе може да се направи. Порано велеа многу потписи требаат, сега велат малку се. Ова е резултат на одлуката на Уставниот суд кој ги поништи два члена, а измените во Изборниот законик не беа усвоени во Парламентот. Владата навистина нема простор за дополнителни интервенции – нагласи тој.
Запрашан за потребата од обезбедување на „бадентер“ мнозинство во Собранието, Мицкоски рече дека ДУИ по 20 години е во опозиција и дека очигледно има сериозни проблеми во нивната структура.
– Се обидуваат со трикови да прават притисок за повторно враќање во Владата, но победникот е јасен – тоа е владиното мнозинство. Ние ќе продолжиме со реформите и испорака на резултати за граѓаните – додаде премиерот.
Тој потсети дека Владата функционира стабилно веќе 14 месеци и дека, за разлика од минатото, сега нема корупција и криминал како пракса.