333 МЕДИУМИ СЕ ПРИЈАВИЛЕ ЗА ПЛАТЕНО ПОЛИТИЧКО РЕКЛАМИРАЊЕ Списокот не е конечен

За платено политичко рекламирање на локалните избори се пријавиле 257 интернет портали, 43 радиостаници, 33 телевизии и 8 печатени медиуми. 

101

До Државната изборна комисија (ДИК) во предвидениот рок (три дена од распишување на изборите) за платено политичко рекламирање за локалните избори на 19 октомври се пријавиле 333 медиуми, но од Комисијата нагласуваат дека списокот не е конечен бидејќи барањата се проверуваат, а вечерва на полноќ истекува и рокот за доставување на ценовниците. Според Роковникот на ДИК, ценовниците треба да се потврдат и објават на веб страната на ДИК најдоцна на 24 август.

Според информациите на МИА, најмногу интернет портали се пријавиле за платено политичко рекламирање 257, а 4 доставиле Тековна состојба надвор од рокот. Во рокот се пријавиле и 43 радиостаници, 33 телевизии и осум печатени медиуми.






Од ДИК за МИА наведуваат дека овие барања подлегнуваат на проверка од страна на службите во Комисијата затоа бројката не може да се смета за дефинитивна. Појаснуваат дека печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни ценовниците за платеното рекламирање да ги достават до ДИК, Државниот завод за ревизија (ДЗР) и до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите, а радиодифузерите да ги достават до ААВМУ, ДИК, ДЗР и ДКСК во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите, најдоцна на 14 август, 24:00 часот. Овој рок, посочуваат од ДИК, уште тече.

– ДИК е должна да ги потврди и објави на нејзината веб – страна доставените ценовници со просечно пресметаните цени утврдени од радиодифузерите и од печатените медиуми, како и да ги објави ценовниците со цените утврдени од електронските медиуми, (интернет порталите), согласно член 75-ѓ став (3) и (9) од Изборниот законик, во рок од 10 дена од истекот на рокот за доставување на ценовниците, најдоцна на 24 август. Имајќи го предвид гореспоменатото, потенцираме дека списокот од табелата не е конечен – посочуваат за МИА од ДИК.

Поврзани содржини