📽📷 КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКО ПОД ЗАКАНА Над 39.000 хектари изгорени во Шпанија, пожарите принудија илјадници да ги напуштат своите домови
Во Кастиља и во Леон беснеат околу 10 пожари, меѓу кои и оној во Замора што зафати над 3.500 хектари и испразни неколку села, додека во Тарифа, Кадиз, беа евакуирани 1.500 лица и отстранети 5.000 возила пред пламените да бидат ставени под контрола.
Шпанија се бори со големи пожари во еден од нејзините најтешки летни периоди во последните години, при што пламените голтаат десетици илјади хектари и предизвикуваат евакуации, од рурални села до локации под заштита на УНЕСКО, јавија локалните медиуми во понеделникот, објави Анадолија.
На североисток, автономната заедница Кастиља и Леон се бори со околу 10 активни пожари. Меѓу најсериозните е пожарот во Молезуелас де ла Карбаљеда, Замора, кој изгоре над 3.500 хектари и предизвика евакуација на неколку села.
Во покраината Леон, пожарот во Јерес доведе до евакуација или до изолација на околу 800 лица и претставува закана за Лас Медулас, локација под заштита на УНЕСКО, позната по римските рудници за злато.
Во Тарифа, Кадиз, пламените предизвикаа евакуација на околу 1.500 луѓе и отстранување на околу 5.000 возила од локалните кампови, пред пожарот да биде стабилизиран.
Интензивни пожари во повеќе региони
Во Галиција и натаму се активни неколку пожари.
Во Кастро де Ескуадро, пожарот кој ја активираше вонредната состојба од ниво 2 беше укинат во неделата, а изгореа околу 300 хектари во општината Мацеда, во областа Оуренсе.
Други случаи вклучуваат контролиран пожар во А Фонсаграда, Луго, кој зафати околу 150 хектари, стабилизиран пожар во А Естрада, Понтеведра, со околу 20 изгорени хектари и уште еден во Вилариньо де Консо, Оуренсе, со слични размери на штета.
Во Навара, интензивен пожар ги зафати градовите Каркастило и Мурило де Фруто, иако властите соопштија дека преку ноќ веќе нема опасност за жителите.
И други делови од земјата беа погодени.
Долж атлантскиот брег на Галиција, во Понтесо и Камарињас, А Коруња, пожарите зафатија најмалку 110 хектари.
Во западниот регион Екстремадура, пожарникарите во Лас Урдес, Касерес, стабилизираа пожар кој изгоре над 3.000 хектари во изминатите пет дена, принудувајќи околу 200 жители да побегнат.
Околу 40.000 хектари изгореле за пола година
Во Шпанија, од 1 јануари до 3 август, на национално ниво изгореле 39.155 хектари – 9% повеќе од лани во истиот период, но сепак 37% помалку од 10-годишниот просек од 62.235 хектари, според шпанската телевизија „Ла секста“
Од вкупно 4.735 пожари регистрирани оваа година, 3.274 биле мали (помали од еден хектар), а 14 биле големи пожари што зафатиле над 500 хектари – бројка што го надминува деценискиот просек.
Податоците покажуваат дека 39,96% од пожарите се случиле на северозападот на земјата, 24,44% во Медитеранот, 35,27% во внатрешните области и 0,34% на Канарските Острови.
Во јули само во Шпанија изгореле околу 26.000 хектари.
Метеоролозите го припишуваат зголемувањето на пожарите ова лето на рекордните топлотни бранови, со температури над 40 степени Целзиусови во неколку покраини, во комбинација со ниска влажност и со силни ветрови.
Властите предупредуваат дека во многу области остануваат на сила предупредувања за висок до екстремен ризик од пожари и дека дури и пожари кои изгледаат ставени под контрола можат повторно да се разгорат под влошени временски услови.
🔥🚨 Spain Fires:
Fire Enters Las Médulas, a World Heritage Site, on a Weekend with Nine Fires in León and ZamoraThe Las Médulas fire is spreading ten times faster than expected.
More than 600 people have been evacuated from Carucedo, Orellán, and Las Médulas. The fire’s… pic.twitter.com/2xCyVEdRGe
— Chat News Hub (@chatnewshub) August 10, 2025