ТРАМП ВЕТИ ДЕКА ЌЕ ГИ ИЗБРКА БЕЗДОМНИЦИТЕ ОД ВАШИНГТОН Најави апсење на криминалците, можна е интервенција на Националната гарда
Белата куќа одби да објасни на која правна основа претседателот Доналд Трамп би ги иселил луѓето од Вашингтон бидејќи тој има контрола само врз федералната земја и врз зградите во градот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во неделата вети дека ќе ги исели бездомниците од главниот град и дека ќе ги затвори криминалците, и покрај тврдењето на градоначалничката на Вашингтон дека во моментот нема пораст на криминалот, објави Ројтерс.
Иако деталите од планот се нејасни, администрацијата се подготвува да распореди стотици припадници на Националната гарда во Вашингтон, изјави за Ројтерс еден американски официјален претставник – контроверзна тактика што Трамп неодамна ја примени во Лос Анџелес за справување со имиграциски протести, спротивно на желбите на локалните власти.
Официјалниот претставник рече дека Трамп сѐ уште нема донесено конечна одлука и дека се одредуваат бројот на војници и нивната улога.
„Бездомниците ќе заминат, криминалците не мора, тие одат во затвор“
За разлика од Калифорнија и од сите други сојузни држави, каде што гувернерот одлучува кога да ја активира Гарда, претседателот директно ја контролира Националната гарда во главниот град Вашингтон.
Минати случаи на распоредување на Гарда во градот вклучуваат реакција на нападот на 6 јануари 2021 година врз Капитол Хил од толпа приврзаници на Трамп.
„Бездомниците мора да заминат, веднаш. Ќе ви обезбедиме место за живеење, но далеку од престолнината. Криминалците, вие не морате да заминете. Ќе ве ставиме во затвор, таму каде што ви е местото“, напиша Трамп на неговата платформа Трут сошал.
Белата куќа одби да објасни на која правна основа Трамп би ги иселил луѓето од Вашингтон. Републиканскиот претседател има контрола само врз федералната земја и врз зградите во градот.
Трамп планира да одржи прес-конференција во понеделник на тема „запирање на насилниот криминал во Вашингтон“. Не е јасно дали тогаш ќе соопшти повеќе детали за планот за иселување.
Илјадници бездомници во Вашингтон
Според организацијата „Комјунити партнершип“, која работи на намалување на бездомништвото во Вашингтон, во која било вечер во градот од околу 700.000 жители има 3.782 бездомни лица. Повеќето од нив се наоѓаат во привремени засолништа или транзициски сместувања, а не на улица.
Официјалните лица од Белата куќа во петокот изјавија дека дополнителни федерални полициски сили биле распоредени во градот поради насилен напад врз млад член на администрацијата, што го разгневило претседателот.
Според истите извори, федералните агенти во петокот вечерта истражувале повеќе прекршоци, вклучително и „носeње пиштол без дозвола“, возење со суспендирана дозвола и возење мотори за крос по улиците.
Во саботата, низ градот биле распоредени 450 федерални полициски службеници.
Според полициската служба на Вашингтон, насилниот криминал во првите 7 месеци од 2025 година е намален за 26% во споредба со минатата година, а вкупниот криминал е намален за околу 7%.
Демократската градоначалничка на Вашингтон, Мјуриел Баузер, изјави во неделата дека главниот град „не доживува пораст на криминалот“.
– Точно е дека во 2023 година имавме сериозен скок на криминал, но ова не е 2023 година. Во изминатите 2 години вложивме напори за намалување на насилниот криминал, доведувајќи го на најниско ниво во последните 30 години – рече Баузер во емисијата „Викенд“.
Баузер додаде дека Трамп е „многу запознаен“ со соработката на градот со федералните органи за спроведување на законот, откако се сретнала со него пред неколку недели во Овалната соба.
Конгресот на САД има контрола врз буџетот на Вашингтон уште од 1790 година, кога Дистриктот бил формиран од земја отстапена од соседните Вирџинија и Мериленд. Сепак, жителите избираат градоначалник и градски совет.
За да преземе Трамп целосна контрола врз градот, најверојатно ќе биде потребно Конгресот да донесе закон со кој би се поништил актуелниот закон што ја воспоставува локалната самоуправа.