ЈУЖНА КОРЕЈА ГИ ГАСИ ПРОПАГАНДНИТЕ ЗВУЧНИЦИ НА ГРАНИЦАТА СО СЕВЕРНА КОРЕЈА Сака да ги намали тензиите и да стави крај на психолошката војна
Министерството на Јужна Кореја не откри како точно ќе се спроведе отстранувањето, ниту дали постои можност звучниците повторно да се постават доколку повторно се зголемат тензиите.
Јужна Кореја започна да ги отстранува пропагандните звучници долж границата со Северна Кореја во обид да ги намали тензиите, соопшти јужнокорејската војска, објави Јуроњуз.
Министерството за одбрана на Јужна Кореја појасни дека станува збор за „практична мерка со цел намалување на тензиите“, но нагласи дека тоа нема да влијае на борбената подготвеност на армијата.
Министерството не даде детали за процесот на отстранување, ниту појасни дали звучниците би можеле повторно да бидат поставени ако тензиите се засилат.
Портпаролот на министерството, Ли Кјунг-хо, изјави дека пред демонтажата на звучниците не постоела никаква комуникација меѓу двете земји.
К-поп и пропаганда против Северна Кореја
Преку звучниците претходно се емитуваше пропаганда против Северна Кореја и популарна јужнокорејска музика (K-pop), што особено ја иритираше владата на Ким Џонг Ун, која води кампања за искоренување на влијанието од јужнокорејската поп-култура и јазик.
По изборната победа во јуни, новата либерална влада на Југот одлучи да ги исклучи звучниците, како гест за обновување на дијалогот и изградба на доверба со Пјонгјанг.
Претходната конзервативна влада ги вклучи звучниците во јуни 2024 година и почна секојдневно да емитува програми, како одмазда за тоа што Северна Кореја пушташе балони наполнети со отпад кон соседот.
Психолошка војна како во Студената војна
Овие кампањи на психолошка војна, слични на оние од Студената војна, дополнително ги зголемија веќе присутните тензии поради напредокот на севернокорејската нуклеарна програма и поради засилените заеднички воени вежби на Јужна Кореја и САД, како и нивната трилатерална соработка со Јапонија.
Јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг го замени сменетиот конзервативец Јун Сук Јол, откако победи на предвремените избори во јуни. Тој вети подобрување на односите со Пјонгјанг, кој жестоко реагираше на тврдите политики на Јун и одбиваше каков било дијалог.
Северна Кореја сѐ уште нема дадено коментар за одлуката на Јужна Кореја да ги отстрани звучниците.