ЛАБУДОВИЌ ОД ЗНАМ Е БЛИСКУ ДО КАНДИДАТУРА ВО ОПШТИНА ЦЕНТАР Максо очекува да освои повеќе гласови на локалните од тие што ги освои на парламентарните избори

Димитриевски кажа дека очекува поддршка од владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ за нивните кандидати за градоначалници и оти ќе го повика членството на ЗНАМ да ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и во другите градови. 

1,560

Градоначалникот на Куманово и претседател на ЗНАМ Максим Димитриевски вечерва изјави дека извесно е дека неговата партија ќе има кандидати за градоначалници во Куманово и во Општина Центар, но и во други места, како и дека официјално имињата ќе бидат соопштени во втората половина на август. За тоа дали ќе биде повторно кандидат за градоначалник на Куманово рече дека неговото име веќе е објавено во партијата, но оти внатрешните постапки сè уште не се завршени.

– Сè уште разговараме (со ВМРО-ДПМНЕ), но според мене извесно е дека ЗНАМ ќе има кандидати за градоначалник во Куманово и во Општина Центар и дека ќе бидат поддржани од нашиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, а дополнително СДСМ веќе го објави нивниот кандидат и за Куманово и за Центар. Тоа е само дел од разговорите, разговараме и за други општини, за коишто се вршат сондажи и мерења и верувам дека во втората половина во месецот август ќе ги објавиме точно кои се и сите кандидати – изјави вечерва Димитриевски во вестите на ТВ Сител.






Вели дека неговото име за кандидат за градоначалник на Куманово е соопштено на последната прес-конференција на партијата иако формално партиските процедури се уште не се завршени, додека за Центар рече дека има поголем број кандидати за кои е направено едно мерење, како и дека сега во тек е ново мерење.

Потврди дека еден од кандидатите за кои се испитува јавното мислење за градоначалник на скопската општина Центар е заменик министерот за енергетика Мирослав Лабудовиќ.

Димитриевски кажа дека очекува поддршка од владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ за нивните кандидати за градоначалници и оти ќе го повика членството на ЗНАМ да ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и во другите градови.

За поддршка од ВРЕДИ рече дека ЗНАМ нема договор со нив туку со ВМРО-ДПМНЕ, но, додаде дека, секако дека постои можност за разговор на таа тема бидејќи просторот за соработка со ДУИ е затворен сè додека не видат „ново реформирано ДУИ, со нови имиња, со нови кадри“.

За обвинувањата од кандидатот на СДСМ Мартин Костовски дека општина Куманово добила најмал износ од Владата од 400 милиони денари, Димитриевски рече дека тоа се собирање на евтини политички поени, како и дека Куманово од Владата добила над 800 милиони денари за 27 инфраструктурни проекти во градот и дека за дел од нив е потребно да се издадат градежни дозволи.

– Ние ќе продолжиме со позитивен тренд, а нив како опозиција им останува да критикуваат – рече тој додавајќи дека СДСМ е веќе прочитана книга.

ЗНАМ, рече Димитриевски, на овие избори настапува самостојно со советнички листи, нова политичка партија е и секои избори за партијата се корисни за да се провери меѓу граѓаните.

– Што се однесува до кандидат за градоначалник треба да имате лице кое е општо прифатливо за граѓаните бидејќи не секогаш партиската припадност е пресудна, туку името и презимето на личноста бидејќи граѓаните гласаат за човек а дополнително гласаат за партија. Партиската поддршка е неминовна – рече тој.

Лидерот на ЗНАМ Димитриевски вели дека на овие избори ќе се знае до каде е ЗНАМ и дека очекува поголема поддршка во однос на парламентите избори.

Одговарајќи на прашање за интерпелацијата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, која е на дневен ред на утрешната седница рече дека пратениците од ЗНАМ ќе ја поддржат и дека тие се за спроведување на реформите во правосудството.

Поврзани содржини