ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА СЕ ВРАЌА НА НОЗЕ Од долгови до пример во здравството за една година

Долгот преполовен, нова опрема, вработени над 120 лица, директорот на ФЗОМ открива што се сменило за една година.

691

Со финансиска стабилизација, нова медицинска опрема, кадровско зајакнување и расчистување на криминалот, Општата болница во Прилеп постигна огромен напредок за само една година. Тоа го соопшти директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски, по денешната посета на установата, каде оствари средба со директорот на болницата, д-р Кире Јоноски.

– Пред само една година, болницата беше меѓу најзадолжените во државата. Долгот изнесуваше над 200 милиони денари. Денес, со домаќинско работење и поддршка од Фондот, тој долг е намален на 109 милиони денари – изјави Клековски, оценувајќи го напредокот како резултат на тимска работа и решителен менаџмент.






Болницата во Прилеп е меѓу првите здравствени институции што поднесоа кривични пријави и добија судска пресуда во борбата против криминал и корупција.

Во меѓувреме, сериозни подобрувања се направени и на медицински план, набавена е нова опрема за одделенијата за урологија, ортопедија и стерилизација, обновено е одделението за интензивна нега на гинекологија, а повторно се вршат интервенции на колено, кои долго време беа во застој.

– Покрај медицинската грижа, отворивме и Школа за трудници, безбеден и топол простор каде идните мајки и татковци добиваат поддршка и знаење на патот до родителството – додаде директорот на Фондот.

Во болницата се вработени над 120 нови здравствени работници, од кои 21 доктор, а наскоро се очекуваат и нови вработувања за специјализанти. Се решава еден од најгорливите проблеми, недостигот од персонал.

Дополнително, позитивните промени ги мотивираа и локалните бизниси, сè повеќе општествено одговорни компании од Прилеп донираат инвентар и опрема за болницата.

– Болницата станува симбол на доверба и развој. Имаме уште многу планови, но ова е доказ дека кога има волја, има и резултати – заклучи Клековски.

Поврзани содржини