ЌЕ ГО СПАСИ ВАШИОТ ЖИВОТ СО ЕДЕН КЛИК Алиу најави револуционерна здравствена апликација
Министерот за здравство Азир Алиу најави дигитален здравствен систем и нови онколошки центри надвор од Скопје.
Пациентите наскоро ќе можат полесно и побрзо да комуницираат со своите лекари преку нова апликација што ја најави министерот за здравство Азир Алиу. Новото софтверско решение е дел од стратегијата за дигитализација на здравствениот систем и ќе овозможи секој пациент во секое време да внесе здравствени параметри – како притисок, шеќер или други индикатори – на кои докторот ќе може веднаш да реагира.
– Ако системот детектира вредности надвор од нормалата, автоматски ќе алармира. Тоа ќе овозможи лекарот веднаш да интервенира – дали со менување на терапијата или со упатување на пациентот на понатамошен третман – изјави министерот Алиу во гостување на емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Тој нагласи дека оваа апликација е само дел од поширокиот процес на дигитална трансформација, кој вклучува и усогласување на 12 закони со цел поголема транспарентност и ефикасност во здравството.
Министерот објави и новина во онколошката грижа – третманот на пациенти со карцином веќе нема да биде ограничен само на Скопје. Онколошките услуги ќе бидат дисперзирани и во болниците во Штип, Тетово, Битола и ГОБ „8 Септември“.
– Во завршна фаза сме со изработка на протоколите. Почетно, лекувањето ќе се врши со асистенција преку телемедицина од Скопје, а наскоро очекуваме во овие центри да се воспостават и ЦТ симулатори. Така пациентите ќе добијат квалитетен третман поблиску до своите домови – додаде министерот.