ЈА ИЗНАЈМУВАЛ ЗА СЕКС, ПОЛИЦИЈАТА ЈА СПАСИ ОД САМОУБИСТВО Поднесена кривична пријава за макрото од Тетово
48-годишен тетовец заврши во притвор по шокантна интервенција во мотел каде посредувал при проституција, додека 23-годишна девојка од Косово се заканувала дека ќе си го одземе животот.
Основното јавно обвинителство Тетово поведе истрага против 48-годишен маж од тетовскиот регион под сомнение за сторено кривично дело „Посредување при вршење проституција“, казниво по член 191 став 2 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, осомничениот во последните два месеци во повеќе наврати договарал средби помеѓу клиенти и 23-годишна државјанка на Косово, која била сместена во неговиот мотел. Девојката наплаќала за сексуални услуги, а најголемиот дел од заработеното му го предавала нему.
Драматичниот настан што ја отвори истрагата се случил пред три дена во мотел во близина на Тетово, кога мажот, идентификуван со иницијалите Л.К., сам ја повикал полицијата, пријавувајќи дека по расправија девојката одбива да го напушти објектот.
По пристигнувањето на полицијата, девојката била затекната на работ од прозорецот, држејќи остар предмет и заканувајќи се дека ќе скокне или ќе се самоповреди. Полицајците насилно ја отвориле вратата од собата и ја спречиле во намерата, по што девојката била пренесена во Клиничката болница во Тетово за лекарска помош.
Во акцијата еден полициски службеник задобил полесни повреди. Полицијата веднаш го лишила од слобода осомничениот Л.К., кој се наоѓа во притвор.
Според информациите од Обвинителството, 23-годишната девојка е сместена во транзитен центар за странци, каде ќе остане до завршување на постапката. Против осомничениот ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по завршување на истрагата.