ПЛАНИНИ И ШУМИ ВО ПЛАМЕН, СЕЛАТА ПОД ЗАКАНА Огнот стаса и до Малешевијата и Прилеп

Пожари беснеат низ неколку региони во државата, најкритични се Прилеп, Василево, Берово и Штип. Надлежните служби на терен, но непристапниот терен и ветерот ја отежнуваат контролата.

2,437

Во пресекот на денот до 12 часот во Македонија се регистрирани се 12 пожари на отворен простор, од кои 6 се сè уште активни, 3 се ставени под контрола, а 3 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Еден од најсериозните пожари е оној што се проширува во атарот меѓу Василево, Радовиш и Берово, каде се гори планински предел – Голем Готен и делови од Малешевските Планини. Станува збор за пожар кој уништува нискостеблеста шума, смрека и густа вегетација, а пристапот до некои точки е речиси невозможен за теренските екипи.






Во Прилепскиот регион, два пожари се сè уште активни. Едниот се проширува во село Бешиште, каде огнот се движи кон село Градешница и кон граничниот појас со Грција, горејќи мешана шума. Вториот пожар е активен во кракот кон село Дрен, додека делот помеѓу Царевиќ и Смолани засега е под контрола. Овие пожари постојано се реактивираат поради ветерот и високите температури.

Во општина Македонски Брод, повторно се шири пламен меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа. Станува збор за пожар кој зафаќа деградирана дабова шума и грмушки, а теренот е крајно непристапен.

Штипскиот регион се бори со нов пожар помеѓу селата Драгоево и Селце, каде гори нискостеблеста шума, прнар и сува трева, што ја зголемува опасноста од неконтролирано ширење.

Во општина Желино, огнот беснее меѓу селата Церово и Групчин, каде гори деградирана и нискостеблеста шума, а пожарот се движи по тешко пристапни падини.

Од другите пожари, тројца се ставени под контрола — тоа се пожарите во Грешница и Латово (Македонски Брод) и во Јунузлија (Карбинци). Иако ситуацијата таму е под контрола, надлежните остануваат на терен поради ризикот од повторна активација.

Добрата вест е дека три пожари се целосно изгаснати – во Струмица (место викано Три Води), во село Гумалево (Зелениково) и во Шуто Оризари, каде изгоре дива депонија на улица Брсјачка Буна.

ЦУК и сите надлежни служби апелираат на внимателност, особено кај граѓаните кои се движат или престојуваат во природа. Човечки фактор останува една од главните причини за настанување на пожари, а последиците можат да бидат катастрофални.

Поврзани содржини