ВО ЕДЕН ДЕН ПОТРОШЕНИ 360.000 КУБНИ МЕТРИ Водовод апелира за енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на водата

Од претпријатието посочуваат дека најголемата закана за системот се дивите приклучоци и кражбите на вода со алармантни загуби од околу 65%.

662

Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ алармира дека градот се соочува со сериозна криза поради енормно зголемената и неконтролирана дневна потрошувачка на вода, која вчера достигнала 360.000 кубни метри. Според системот за мониторинг, ова претставува сериозен ризик за водоснабдувањето, а веќе се чувствуваат последици низ делови од градот, намален притисок и повремени прекини на вода.

„Градот Скопје се снабдува од природен извор со ограничени количини вода од непроценлива вредност. Апелираме до сите граѓани за рационално и совесно користење на водата, особено да се избегнува трошење за полевање, миење автомобили или полнење базени“, стои во соопштението од ЈП Водовод и канализација – Скопје.






Од претпријатието посочуваат дека најголемата закана за системот се дивите приклучоци и кражбите на вода со алармантни загуби од околу 65%.

„Овие загуби не се резултат на дефекти, туку претежно поради нелегални приклучоци на куќи, згради и објекти кои ја користат питката вода за земјоделие, наместо техничка вода“, предупредуваат од Водовод.

Граѓаните се повикани активно да помогнат во спречувањето на оваа пракса. Доколку се забележи див приклучок, може да се пријави на телефонскиот број 02 3073 010, на [email protected], или преку веб страницата www.vodovod-skopje.com.mk.

Дополнително, се апелира до локалните самоуправи и месните заедници да ја засилат свеста кај граѓаните и да помогнат во справувањето со водната криза.

„Доколку не се преземат мерки, квалитетното водоснабдување за цел град е доведено во прашање. Секој литар вода е важен“, велат од претпријатието.

Поврзани содржини