ОБВИНЕНИЕ ЗА НАПАЃАЧОТ НА ДАНЕЛА Дошол со тротинет, се заканувал и ја удирал по телото
Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја најпрво по лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил и вербално да ја навредува и да ѝ се заканува, соопшти Основното јавно обвинителство.
Основото јавно обвинителство поднесе обвинение за лицето кое ја нападна градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Истовремено, јавен обвинител предложи да продолжи затворскиот притвор претходно изречен за лицето.
Според соопштението, обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и ѝ се приближил заканувачки на градоначалничката додека таа вршела увид на локација во општина Чаир по пријава на граѓани.
„Потоа физички ја нападнал, удирајќи ја најпрво по лицето и раката, а потоа со нога во пределот на левата потколеница. Откако присутните униформирани полициски службеници реагирале да го спречат во намерата, продолжил и вербално да ја навредува и да ѝ се заканува“, велат од Обвинителството.
Лицето е обвинето за грубо насилство и предизвикување чувство на несигурност, загрозување и страв во јавноста.
Од ОЈО потврдуваат дека градоначалничката била на увид на објект заедно со овластени службени лица, откако граѓаните пријавиле дека на таа локација имало бесправно градење и нелегално приклучување на вода и струја за објектот.
Исто така, за насилство врз градоначалничката било пријавено и уште едно лице, информираат од Обвинителството, но пријавата заедно со изречените мерки за претпазливост биле укинати откако, како што се вели во соопштението, не биле најдени материјални и вербални докази дека лицето учествувало во делото.
„Меѓутоа по прибирање на сите докази, вербалните искази на сведоците и оштетените, како и извршеното препознавање со соочување се утврди дека оштетените не го препознаваат пријавеното лице како сторител на заканувачки и насилнички дејствија кон нив“