УБИЕЦОТ НА КУЧЕТО ФЕЛИКС ДОБИ 3 МЕСЕЦИ ЗАТВОР Казна од 1.000 евра за тој што му помогнал да го однесат до контејнер
Крстевски со тврд предмет го удрил во повеќе наврати кучето Феликс во главата без оправдана причина. Заедно со Билбиловски, го врзале кучето со жица и го влечеле до контејнер, каде што го фрлиле, верувајќи дека е мртво, се наведува во обвинението.
Основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи за виновни Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за убиство на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од нанесените повреди.
Според обвинителниот акт, на 19 ноември 2024 година, Крстевски, користејќи тврд предмет налик на стап, го удрил во повеќе наврати кучето Феликс во пределот на главата без оправдана причина, нанесувајќи му потрес на мозокот и хематоми. Заедно со Билбиловски, го врзале кучето со жица и го влечеле до контејнер, каде што го фрлиле, верувајќи дека е мртво.
Судот го осуди Крстевски на три месеци затвор, а Билбиловски доби парична казна од сто дневни глоби, со вредност од 10 евра по глоба, во вкупен износ од 1.000 евра.
Делото е квалификувано според член 233 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до три години за оној што ќе усмрти животно без причина или ќе го изложи на непотребни маки и болки.
Судењето го водеше судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението беше јавниот обвинител Зоран Здравев.
Ова е прва пресуда со затворска казна за овој вид кривично дело.