ОД „БОЈКО ЉУБАВИ, ТЕ ПОЗДРАВИ ЗОКИ“ ДО БРИШЕЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Без почит од Бугарија, ВМРО-ДПМНЕ нема да направи ни чекор понатаму
Последиците од политиките на виткање кичма денес се јасно видливи, а штетите кои ги нанесе СДСМ се катастрофални. Државата ќе беше уште подлабоко заглавена доколку ВМРО-ДПМНЕ не заземеше цврст став и не се спротиставеше на овие погубни политики, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ со својата поданичка политика и сервилност ја доведе Македонија до негирање од страна на Бугарија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Поданичката политика исполнета со сервилност од страна на СДСМ ја доведе Македонија во понижувачка позиција каде Бугарија отворено ја негира македонската нација, македонскиот јазик и идентитет. Работите кои до неодамна беа незамисливи дури и за најрадикалните кругови во бугарската политика поради апсурдноста и понизноста на Зоран Заев и Венко Филипче во нивното политичко дејствување денес станаа реалност“, соопшти партијата.
Сервилноста на Стево Пендаровски, Заев и Филипче ја доведе државата до историски пораз, каде наместо негување на вековната традиција и заштита на државните интереси станавме предмет на негирање и понижување од страна на Бугарија, се додава во соопштението.
„Политиката на „Бојко љубави, те поздрави Зоки“ заврши со неуспех и со бришење на македонскиот јазик и идентитет од Извештајот на Европскиот Парламент. Последиците од политиките на виткање кичма денес се јасно видливи, а штетите кои ги нанесе СДСМ се катастрофални. Државата ќе беше уште подлабоко заглавена доколку ВМРО-ДПМНЕ не заземеше цврст став и не се спротиставеше на овие погубни политики. Фактот дека македонскиот јазик и идентитет се избришани од европски документи, е доказ дека Бугарија никогаш не била искрено заинтересирана за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав. Напротив, тоа беше само изговор за негирање на целото македонско постоење“, се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ, се додава, испраќа јасна порака дека Македонија нема да направи ниту еден чекор понатаму без целосна почит од Бугарија и цврсти гаранции од европските институции.
„Бугарија ги злоупотребува европските механизми, и го киднапира целиот процес на европска интеграција“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.